„Машко“ писмо, наспроти „женско“ - никогаш не сум верувала во вакви родови книжевни поделби. И ова групирање на освртите не беше било наменето да биде хормонално предиспонирано, но по првата, машка серија, еве ја втората, онаа на посилниот книжевен пол.
И не е заради некаков изнасилен girl power момент, ама жените во овој избор се меѓусебно многу потешки за сведување на некаков најмал заеднички книжевен содржател. И, уште поважно, додека мажите главно пишуваа во клучот на „јас па јас“, овие зборуваат многу повеќе за другите, дури и кога зборуваат во прво лице еднина. Мрежите на ликови кои ги плетат секако содржат некои аспект од нив самите, но истовремено се збир на детективски прецизно регистрирани, насетени, дофатени и замислени човечки табиети и животни ситуации, чиј обем и живописност не може да биде само резултат на животна километража, туку на долготрајно и емотивно ангажирано набљудување на околината и на самите себе.
„(Со)шиени раскази“ од Оливера Ќорвезировска
Најискусната од трите авторки, Оливера е вистинска мајсторка во книжевната работилница, во која другите две имаат уште штоф за порабување. Шиењето во насловот на книгата има врска со структурата, ритамот и формата на расказите (групирани според типот на бодови - основен, „слеп“, оверлок и цик-цак, кои ете на овој начин ги научивме), но истовремено воспоставува и симболичка врска помеѓу двата чина на креација, кои од ништо-то создаваат нешто - едниот со помош на порхетчиња, вискозички и тешки штофови, а другиот со зборови, прашалници, акценти, долни и горни наводници.
„Нештото“ што притоа се создава се раскази скроени со очигледен фат, во кои сè е на местото на коешто треба да биде, без препумпарести ракави и без пренападно деколте. Сепак, речиси во секој од нив се чувствува притаена сензуалност, која благо поттурната би можела да се растркала како топ тешка свила (топ платно да ти се викало „траба“ - ете и тоа го научивме), па од работилницата право низ врата, разлеано по градските улици. И воздржаноста во изразот има еротски ефект, но не би имале против од Оливера да прочитаме и нешто навистина раскалашно, па макар го објавила и под псевдоним, и макар го следела теркот на некоја друга домаќинска активност (чистење пајажина, редење шифоњери, местење кревети?)
А градовите и нивните куќи и улици се токму едни од главните ликови во книгата. Всушност целиот прв дел („Основен бод“) се состои од раскази поврзани со скопски улици кои ги имаат променето имињата, со тоа на суптилен или на драстичен начин влијаејќи врз судбините на луѓето кои живеат на нив. Оливера ги има претходно објавено во серија - кога ги читав на сајтот на Призма некако ми беше сомнително дека можеби „Небеска Скопјановна“, како што се потпишани расказите, е всушност таа.
Токму оваа првична група раскази инспирирани од промена која е претставена повеќе како расцеп и дисконтинуитет отколку како можност за нов почеток, го одредува тонот и на остатокот од книгата, која е полна лузни од спомени, не длабоки или животно загрозувачки но сепак видливи, како и тазе ранички од сегашноста. Неостварени љубовни приказни долги само 1,36 километри, банани пржени на путер и зелник со ким направени со многу љубов а оставени неизедени, прашлив тросед од „комбинована“ во куќа која умира. Има тука многу посакувано а неостварено, но и многу мудрост произлезена од сознанието дека токму ваквите искуства се нејзин извор.
И не дека сè е мрачно и мрак ме обвива во книгата - има тука и хумор, и подадена рака кон колегите-писатели (особено кон писателките), има музика, а има и надеж дека после освртов Оливера ќе ни сошие макар едно торбуле, точно според форматот на „Сошиените раскази“, за да послужи и како нивна втора корица, но и како потсетник за вистинската мерка на физичките и духовните нешта.
„Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска
Не знам дали Калина ја гледала „Црно огледало“, но голем број од нејзините раскази ја содржат истата онаа апсурдност и тивка морничавост која ја предизвикува оваа серија. Во нив барем на почеток сè е нормално, за наскоро да излезе дека ништо не е. Сè е подносливо, додека не престане да биде. Сето она што на прв поглед е типично и препознатливо се претвора во сопствена искривена слика, во карикатура. И веројатно тоа е така не само заради некаква стилска вежба, туку заради повисока цел - остра критика, предупредување и начин низ раскажувањето она што се критикува, и она на што се предупредува, некако да се преживее.
Мотивот да ја прочитам книгата произлезе непосредно од нејзиниот наслов. Итар Пејо, тој јуначки лик од народните приказни, чие херојство произлегува од највулгарната комбинација на прагматичност, висока интелигенција и желба за заеб, во него е прогласен за непријател. Но она „мојот“ во „мојот непријател“ многу повеќе треба да се сфати во множина - итарпејовштината како светоглед е не индивидуален, туку колективен, НАШ проблем и непријател. Фактот што вакви ликови минале низ вековните сита и решета на македонскиот фолклор, не само неповредени туку по секоја нова итроштина уште и посилни, зборува за светогледот на генерации и генерации на кои тој им бил role model, фолклорен Супермен чија сила извира од сеир. Неговото име, за разлика од името на главниот лик во овој расказ на кое и самиот тој не може да се сети, е врежано (како што обично се вели) „со златни букви“ во нашето културно наследство. Човекот кој намерно и свесно лаже, манипулира, воведува во искушение и никогаш не сноси последици за своите постапки е поголем од сите чесни, трудољубиви и да - анонимни - луѓе, кои колку и да го мразат потајно сакаат да бидат како него. За конечно да добијат име, и да бидат запамтени.
Ваква „итропејовштина“ има и во другите раскази, па и со смртни последици. Секој кој се соочил со локален „батка“ - господар на маалото, кој наметнува правила на микро-територијата околу паркингот и на детското игралиште, сигурно замислил како му нанесува тешки физички повреди, во неможност реално да му мавне бокс или да му скрши рака. Во расказот на Калина жртвата на залудниот рационален пристап за извојување правда во детска фудбалска игра е самата таа. Најпрвин со скршеници и на штаки, таа буквално не се предава до смрт, за на крај нејзината пепел да биде расфрлана помеѓу нишалките и клацкалките, како знак дека таа сепак не потклекнала и им пружила отпор на силеџиите.
Тоа е вториот од најмалку трите антологиски раскази во книгата, заради кои, секако во комбинација и со останатите, таа од критиката (коинциденција, но токму од претходната авторка, Ќорвезировска, која во својата збирка има расказ во кој лик е Калина) е опишана како „мал прозен ураган“. Последниот е приказна за човек кој никако не успева да заврши превод затоа што компјутерот постојано му додава текст, па наместо тој да се крати постојано се продолжува. Во моментот кога документот од двестотини страници би требало да е веќе преведен, тој открива дека има уште толку за превод. Исцрпен заради непроспиените ноќи, тој гневно скока во екранот, низ кој се отвара портал што го проголтува. И денес тој се уште талка низ пределите на текстот, кој го гнете и гази, додека тој полека се смалува и се топи. „А крајот никаде го нема: зашто секогаш кога Мирон ќе успее да мине на следната страница, текстот се истегнува за една повеќе“. Што ви реков за Блек Мирор?
Кога ќе ја дочитате оваа збирка, ќе посакате таа навистина да има уште барем толку страници на кои ќе можете да се загубите. Со доза јанѕа, но и со голема љубопитност.
„Скоро парижанка или како да ги преживееш своите доцни дваесетти...во Париз“ од Јана Мишо
Ова е еден од оние наслови по кои веројатно никогаш не би посегнала доколку не би имала добра причина за тоа. Моите дваесетти се длабоко во минатото, иако сум учела француски уште се вадам од памет колку букви се потребни за да напишеш нешто толку просто како „ќе-ск-се“ (qu'est ce que c'est..е да бе, сто!), а Париз, во кој не сум била, ми асоцира повеќе на имигрантските гета за кои има живописни (и сурови) документарци, отколку на звук на хармоники и мирис на кроасани.
Но мотиви за читање на книга на чија корица со вињетки гордо се топори Ајфеловата имаше два: прво, што авторката е „наша“ Јана, која во „Бавчите“, а и сега во нејзината рубрика Офф кафе, се покажува како младешки одважна, и фактот што таа одважност и практично ја покажа самообјавувајќи си ја оваа книга најпрвин на англиски, и на Киндл (за што пишував претходно тука). Тоа што своето дело ми го опиша како „ваљда не толку лошо“ само придодаде кон симпатиите, на непрочитано.
И треба човек да излезе од својот книжевен меур, да прочита и книга која жанровски не му е прв избор, за да сфати дека и за ова е потребна книжевна вештина, не помала (напротив - поголема) од тоа да напишеш нешто високопарно и „сериозно“. Да, Париз е веројатно идеализиран „топос“, и да, главниот лик е девојка во нејзините дваесетти со first world problems кои најчесто имаат врска со облека, кафе и дечковци, но откако еднаш ќе навлезете во приказната сакате да знаете дали таа ќе успее да остане во Париз или ќе се врати дома (каде и да е тоа), дали другарка ѝ ќе се смири со дечкото, дали самата таа ќе се фати со братот на другарката, дали нејзиното хоби-сликањето ќе ѝ ја донесе посакуваната слава и дали на крај сите ќе живеат среќно и весело како во романтична американска комедија, која за да биде таква (романтична) мора да е лоцирана во Франција или да има нешто француско во насловот.
Дека книгата „плаче“ за филмска верзија и дека е веројатно (не)свесно пишувана по терк на филмски сценарија покажува и начинот на кој завршува секое од поглавјата - со „клифхенгерс“ кои доколку се работи за серија сигурно ќе ве натераат да ја гледате и следната епизода. Некои од критиките на Амазон за книгата прават паралела со хуморот на Вуди Ален, и иако тоа би можело да биде добро за реклама, Ален е 1) Евреин, 2) наводен педофил, 3) стар, 4) маж, 5) опсесивно-компулсивен „интелектуалец“, па можеби ваквата споредба би требало да се одбегнува. Книгата е шармантен локален „чик-лит“ претставник, па што би рекле на лош француски - „ко воли, нек изволи“. А од Јана во следното продолжение очекуваме да дознаеме од каде воопшто главниот лик во Париз (дали е од Македонија, добила стипендија па останала, има ли зелена карта, и други книжевно веројатно небитни детали), како и да не ги прекинува сексуално набиените сцени со остар „кат“.
Французите, сигурни сме, не би направиле така.
Илина Ј.