Букбокс друштвена игра: „Илијада“ или како да ја добиеш наклонетоста на боговите?

Празничниов период е измислен за навраќање на игри што фатиле прашина на полици но и за подарување (или добивање на подарок) нови. Оваа игра за двајца е инспирирана од древен еп, но може да биде за каква и да е битка помеѓу два спротивставени табори. Во случајов Ахајци наспроти Грци, кои се борат за наклонетоста на каприциозните богови. Забелешка: текстот е напишан по загубена партија, бидејќи се играше во тоа.

пишува: Иван Јакимовски

Гневот, божице, спеј го на Ахила, синот Пелејев,
пустиот гнев што им задал н'Ахајците безбројни бољки
силни во ад испраќајќи многубројни јуначки души
нихните трупови пак правејќи ги плен на псите.

Така гласат првите четири стиха Хомеровата Илијада, според препевот на македонски јазик од Михаил Петрушевски. А еве како тече „Илијада“ - друштвената игра:

Аман бе, зошто баш таму ја стави ти плочката?
Петка та сакав да одиграм, горе, на црвено поле
Сега ги собирам бројките, н'Ахајци и Тројанци бројни
Мислеше имаш ти, среќнику, дај ми го Аполон!

Таа изгледа поинаку од оригиналното дело, но содржи елементи кои потсетуваат на него. Тоа се замешувањето на боговите и нивното влијание врз текот на настаните, како и дихотомијата меѓу двајцата играчи. Така тие елементи претставуваат и предмет на играта.

Откако ќе решат да играат или како Ахајци или како Тројанци, играчите редат плочки на своевидна шаховска табла (убаво изработена платнена подлога), пополнуваат колони и редови, и со собирање и споредување на нивните вредности конкурираат за благонаклонетоста на боговите. Оној кој ќе ги собере сите, во случајов скратено издание од 5 богови, победува.

Ако играта се состои само во редење плочки, зарем не е ова само чиста среќа? Има ли смисла играњето?

Има бидејќи сѐ е прашање на сопствена проценка на играчите.

Секоја плочка, нумерирана од еден до пет, нуди одредени способности-ефекти, кои помагаат во разбивањето на редот на противникот. Единицата поместува туѓи плочки, двојката сопствени, тројката заменува неповолни плочки со поповолни, четворката превртува плочки и ги обезвреднува. Петката нема ефект. Има и уште една плочка без бројка, која ги собира вредностите на соседните плочки, нешто кое може да придонесе кон мошне возбудлив потег. Затоа, ако едниот планирал да ја добие Атена за осум бода (најголемата можна вредност), а во истиот ред од спротивната страна ја има и Афродита за еден бод (најмалата можна вредност), конкуренцијата е голема, сите се борат за посилната и ги користат сите средства кои ги имаат на располагање.

Некои плочки носат само бодови, како копјата и штитовите, а други, како оние со два прстена, можат да послужат како џокер и да заменат бог ако некој играч успее да ги собере во текот на играта. Но не сите плочки носат бодови, некои од нив и одземаат. Затоа може да се погоди, при конкурирање за еден ред, едниот да добие Посејдон кој носи седум бода а другиот да изгуби десет, или едниот да го добие Ѕевс за три бода а другиот да изгуби пет.

Може да се погоди и двајцата да ги имаат собрано сите пет богови. Тогаш во реми следи брза пресметка на бодовите (особено ако се игра во нешто). Ако и тогаш се покаже дека играчите се реми, има правило и за тоа: победува оној кој ја има највредната плочка на Ѕевс.

Така играчите треба да го испланираат својот потег колку што може постратешки и да размислуваат трезвено. Дали вреди да ги трошам петките за оваа плочка или да играм двојка за да рециклирам стара? Дали да собирам бодови, ако знам дека ќе бидеме реми, или да се борам да не добиеш ништо? Сѐ е прашање на проценка.

Кој има прилика да ја проба, нека ја проба. Ако доволно луѓе се навлечат, може да се организираме да стигне во Гоблин (мојата е купена директно од Грција). Баталете политика, седнете и играјте. А ако некој реши да ви спори нешто (на пример името), земете му го Аполон.

Уште осврти од серијалот „Букбокс друштвени игри“ тука

7 јануари 2026 - 10:57