„Косачот“ како да беше посебно зафатен минатата година, па таман ќе почневме да тажиме еден омилен пејач, глумец или писателка умираше друг, и така почнуваше нов „RIP“ циклус.
Ник Серпел, уредник за некролози на Би-би-си (позиција за која на сајтов велат дека сме покажале особен интерес и успех), седнал да провери дали има нешто невообичаено во бројката на славни умирачки како што тоа го тврдат социјалните мрежи.
Тој споредил статистики на некролози кои оделе на радио, телевизија и онлајн, подготвени однапред (значи пред некој навистина да умре) од неговиот матичен медиум, од јануари до крај на март 2012-2016.
Во тој момент (значи само три месеци во 2016), статистиката покажала значајна разлика во споредба со истиот период во изминатите години (и да, ова е малку груб начин на броење на на чија и да е смрт)
(Статистика на објавени некролози на Би-би-си во првите три месеци во 2016, споредена со истиот период во претходните четири години)
Секако, Би-би-си не прави некролог баш за секоја умрена позната личност. Се наметнува и прашањето што точно се подразбира под „позната“ или „славна“ личност и генерално, и за британската публика, бидејќи за неа смрт на некој американски селебрити не мора да значи ама баш ништо (како што беше случај со водителот Дејвид Гест, кој не добил некролог на Би-би-си).
Сепак, по овој пик во првите три месеци од годината, понатамошните покажуваат слична статистика на умирачки на славни како и во претходните пет години. Така, во цела 2016 имало 30% покачување во објавувањето на претходно подготвени некролози, а нивната бројка до денес изнесува 42.
Едно од објаснувањата на ваквиот ефект на „проколната“ година кој можеби ќе се пренесе и во неколкуте следни, е што славните телевизиски, поп и рок фигури од 1960тите и 1970тите (оние малкумината кои ја преживеаа кулминацијата на нивната слава) се веќе доволно стари за природно да умираат. Откако таа генерација полека ќе исчезне веќе ќе нема толку маркантни фигури чија смрт ќе привлече толку масовно, глобално внимание. Од ова е изземен Кит Ричардс, кој има намера да живее вечно.
Поврзано: Што е поважно, вашата работна биографија, или некрологот?