Дејвид Брукс е коментатор на Њујорк Тајмс, кого често го опишуваат како „конзервативец кого либералите го сакаат", заради неговите умерени ставови во однос на прашањата за абортусот и истополовите бракови. Автор е на неколку книги, меѓу кои и „Општественото животно: скриените извори на љубовна, карактерот и успехот".
Во овој говор на ТЕД конференција од март 2014, тој поставува интересно прашање - дали треба човек да живее за својата работна биографија, или за својот некролог? Дали овие два прегледа на нашите постигнувања се исти по природа и по значење, и ако не, дали тоа значи дека ние всушност сме приморани да бидеме две различни личности, понекогаш фрустрирајќи се од неможноста на нивното комбинирање?
Самиот по потекло Евреин, Брукс цитира извесен рабин Џозеф Соловјетчик, кој во 1965 напишал книга под наслов „Осамениот човек на верата". Во неа тој вели дека постојат две страни на нашата природа, кои тој ги нарекол Адам 1 и Адам 2. Адам 1 е оној амбициозниот, надворешната страна на нашата природа, кој сака да создава и да ги бере плодовите на неговиот труд. Адам 2 е скромната страна на нашата природа. Тој не само што сака да прави добро, туку и да биде добар, да живее во согласност со трајни вредности, кои краткорочно нема да му донесат успех, но ќе му обезбедат конзистентност. Ако Адам 1 прашува како работите функционираат, тогаш Адам 2 прашува зошто сме воопшто тука.
Двајцата Адами (или Еви) се во постојана меѓусебна војна, бидејќи едноставно функционираат по различна логика - едниот по економска, другиот по морална. Западното општество го фаворизира Адам 1, а често го маргинализира, или тотално го отфрла Адам 2. Така луѓето стануваат студени извршувачи на задачи, кои го третираат животот како игра и често запаѓаат во медиокритетност. Во нивните некролози оттаму нема да пишува ништо особено - тие немале визии за кои и еден живот е малку да се остварат, не споделиле љубов со блиските (немале кога), а не се ни бореле за некоја повисока цел.
На крај Брукс го цитира Рејнхолд Нибур, американски етичар и теолог, кој вели:
Ништо што вреди да се направи не може да биде постигнато во текот на нашиот живот - затоа мораме да бидеме спасени од надеж. Ништо што е вистинито или убаво или добро нема целосна смисла во кој и да е непосреден контекст на историјата - оттаму мораме да бидеме спасени од вера. Ништо што правиме, колку и да е доблесно, не може да биде постигнато ако тоа го правиме сами - затоа мораме да бидеме спасени од љубов.
Откако ви го раскажавме, еве го целото видео (само пет минути), кое е погледнато повеќе од милион пати: