„Се наоѓаме на два или три избора оддалечени од крајот на НАТО, крајот на ЕУ, и можеби од крајот на либералниот светски поредок онаков каков што го познаваме", вели Ен Еплбаум, добитничка на Пулицер и некогашна уредничка на Економист и Вашингтон пост.
Нејзината проценка се заснова на три ставки.
Првата - Доналд Трамп.
Следниот јануари Американците би можеле во Белата куќа да добијат човек кој е тотално незаинтересиран за она што повеќето од досегашните претседатели, како Обама, Буш, Клинтон или Реган, но и Џонсон, Никсон или Труман, би го нарекле „заеднички вредности". Трамп промовира тортура, масовна депортација, верска дискриминација, изјавува дека „не му е гајле" дали Украина ќе биде примена во НАТО и не се интересира за безбедносните гаранции кои ги дава оваа организација. За него ниту еден конфликт во Европа не вреди американски животи и милиони долари годишно. Истовремено, тој повеќе го сака друштвото на диктатори отколку на други демократи. „Со таквите луѓе може да се договориш", изјавил тој еднаш за Русија. „Би имал одлична врска со Путин".
Тоа значи дека тој не би бил склон кон здодевната работа која ја подразбираат воените и економските сојузи, како преговори, непријатни компромиси и, понекогаш, жртвување на националните интереси за поголемото добро. Надворешната политика тешко се објаснува на публика како американската, за која ова е сложена тема, неповрзана со секојдневниот живот.
Но Американците не се единствените. Една година од сега Франција исто така ќе има претседателски избори. Еден од кандидатите, Марин Ле Пен од Националниот фронт, вети дека ќе ги напушти и НАТО и ЕУ, ќе ги национализира француските компании и ќе ги ограничи странските инвестиции. Како и Трамп и таа гледа посебна врска со Русија, чии банки ја финансираат нејзината изборна кампања.
Од друга страна, во јуни и Британија има шанси да изгласа излез од ЕУ. Тоа може да повлече исти такви референдуми и во другите земји на ЕУ. Виктор Орбан, унгарскиот премиер, понекогаш зборува за напуштање на Западот во корист на стратешки сојуз со Истанбул или Москва. Не е тешко да се замисли дека Британија, откако еднаш ќе се откачи од Европа, лесно ќе расчисти и со трансатлантската алијанса. На пример, ако економскиот потрес кој ќе следи по Брегзит биде доволно силен, тогаш Британците можеби на следните избори ќе гласаат за Лабуристите, чие раководство во моментов е радикално антиамерикански настроено. Сите го потценуваат Џереми Корбин, радикалниот левичар-либерал, но така правеа и со Трамп. Корбин е единствената алтернатива доколку јавноста посака промени.
И што потоа? Без Франција, единствениот европски пазар ќе престане да постои. Без Британија, тешко е да се предвиди колку ќе трае НАТО. Но нема на сите да им е жал. Како што тоа го разјаснува реториката на Трамп, трошоците кои ги подразбираат сојузништвата се повидливи отколку долгорочните придобивки од нив.
„Западното единство, ограничувањето на нуклеарното вооружување и постоечките армии ни овозможија повеќе од половина век политичка стабилност. Споделениот економски простор им донесе просперитет и слобода и на Европа и на Северна Америка. Но ова се нешта кои ги земаме здраво за готово, додека не исчезнат", заклучува Еплбаум.