Одамна немавме гледано серија која толку нè врза за монитор што жалиме што (засега) има само две сезони со вкупно шест епизоди. „Врза за монитор" е реална но и парадоксална метафора, со оглед на нејзината содржина и пораки - таа како во огледало ни покажува какви сме, и уште повеќе, какви ќе станеме, кога сите наши спомени ќе почнеме да ги складираме во чип хируршки вграден зад увото, кога нашата вредност на пазарот на човечки суштества ќе почне да се мери во бодови освоени во видео игра, или кога ќе биде можно да „разговараме" со мртвите, кои на чет би ни одговарале со комбинации на нивните предсмртни постови на социјалните мрежи.
Ова се само некои од научно-фантастичните мотиви на серијата низ кои таа всушност ги истражува универзалните и вонременски човечки опсесии - љубовта, стравот од смртта, срамот, желбата за слава, природата на нашата меморија, емпатијата и насилството. Тоа што таа би можела жанровски да се определи како „научно-фантастична" никако не значи дека во неа има вселенски летала, светлечки мечеви или мали зелени суштества. Тоа што ја прави таква е нејзината визионерска проекција на понатамошниот развој на технологијата и нејзиното влијание врз човечката природа, онаква каква што е сега, и онаква каква што впрочем била отсекогаш. Дали технологијата создава некои нови луѓе, или само акцентира карактеристики кои тие веќе ги имаат, доведувајќи ги до екстрем? Во момент кога ќе снема аналогни кокошки и јајца, ова прашање веќе нема ни да има смисла.
Секоја од епизодите е приказна за себе, и тие можат да се гледаат и по случаен редослед. Она што ги спојува е едно неверојатно непријатно чувство кое го создаваат - ем наводно зборуваат за некоја замислена иднина, ем она што го гледате толку многу потсетува на она што веќе се случува, само малку бизарно напумпано, што развојот на настаните и интуитивно, а и здраворазумски, делуваат сосема уверливо. За да не ви ги расипуваме сите шест епизоди, ќе ви раскажеме само една, ко р'ч, но и како илустрација на сценаристичката креативност на Чарли Брукер, автор на целата серија.
Епизодата под наслов „Национална химна" е нешто помеѓу политички трилер и горчлива сатира, во која премиерот (британскиот, ама можете да замислите кој и да е политичар) се соочува со шокантна дилема: киднаперот на принцезата Сузана (пример Кејт Мидлтон), омилена меѓу народот, од него бара во замена за нејзиниот живот тој да има секс на националната телевизија со - свиња! Иако на почетокот тоа изгледа крајно неприфатливо, откако пропаѓаат сите обиди киднаперот да се лоцира или да се исценира актер да го замени премиерот, премиерот го прави незамисливото - пред очите на милиони гледачи во живо, во очај и со солзи во очите, цел час минува во „однос" со сиротото животно кое е под седативи.
Неговата одлука всушност е запечатена кога во видео постирано на интернет киднаперот, лут што сакаат да го измамат со монтирање на главата на премиерот врз тело на порно глумец, ѝ сече прст на принцезата. Гледачите реагираат на сцените на содомија на нивниот премиер со грозење и со сочувство, но сепак никој не го гаси телевизорот. Веднаш потоа принцезата е пронајдена дрогирана на градските улици. Тимот на премиерот сфаќа дека таа била пуштена половина час пред воопшто да почне преносот, без никој да забележи, бидејќи сите биле фиксирани на мониторите, а дека организатор на целата работа не бил некој муслимански екстремист, туку добитникот на наградата Тарнер (инаку најпознатата годишна награда за визуелна уметност во Британија), кој веднаш по пуштањето на принцезата се самоубил со бесење. Во кадарот кој го прикажува неговото обесено тело се гледа дека на раката му фали прст.
Овој чин е негов идеолошки „стејтмент", но и ултимативен перформанс - тој успева да ја изманипулира целата земја во бизарно реално шоу, по негово сценарио и режија. Премиерот, кого го поштедуваат од информацијата за непотребноста на неговиот резил, добива на популарност заради неговата подготвеност да ја ризикува неговата репутација за повисоко добро, а принцезата наскоро се опоравува, се мажи и очекува дете. На крај единствената жртва на проектот излегува дека е неговиот креатор.
Иако сцената во која премиер на една велесила има секс со животно пред камери може да звучи како врвна комедија, додека ја гледате епизодава ама ич не ви е смешно. Неговата ситуација е трагична, каква што е и онаа на сите кои не можат да го тргнат погледот од „црните огледала" - мониторите и мазната нерефлектирачка површина на телефоните, кои не го возвраќаат одразот, па не можеме ни да си ги видиме нашите хипнотизирани ликови во нив. Дури и оние технолошки најентузијастичните после серијава во овие огледала ќе почнат да гледаат со други очи.