Проверувачите на факти се одлични, но корпоративните медиуми продолжуваат сопствениот недостатокот на кредибилитет да го решаваат со погрешно интерпретирање на нивната работа.
Медиумскиот бизнис во Америка продолжува со циркусот и непрофесионалното работење. Најновиот срам и дебакл се случи т.н. „Фестивал за проверка на фактите“.
Институтот Поинтер е можеби најценетиот тинк-тенк во областа на медиумското известување, организација која како што самата вели сака да ја „зајакне улогата на новинарството во слободното општество“. Тие се спонзори за аутлетот за проверка на факти „ПолитиФакт“. Пред неколку недели институтот одржа виртуелна конференција под назив „Американски фестивал за проверка на фактите“.
На тридневниот настан учествуваа специјалните гости како Кристијан Аманпур од SNN, д-р Ентони Фаучи директорот на Националниот институт за алергии и заразни болести, Брајан Стелтер исто така од CNN и сенаторот Марк Ворнер - формација на вистински „медиумски sвезди“ чија иронична енергија на оваа конференција не потсети на случувањата во маратонската серија на Саут Парк: Bigger, Longer, and Uncut кога безобразните момчиња од Канада, Теранс и Филип беа егзекутирани од лутите мајки на Картман, Кени, Кајл и Стен. Билетите за виртуелната конференција чинеа 50 американски долари, но ако сакавте да поминете „приватен виртуелен хепи аур“ со Стелтер, требаше да платите 100 УСД за ова „ВИП искуство“.
За време на настанот кога се разговараше со панелистите, Кети Сандерс од „ПолитиФакт“ го праша Фаучи: „Дали сте сè уште сигурни дека [Ковид-19] се развил природно?“ Видно расположениот лекар одговори: „Не, не сум убеден во тоа“, велејќи дека „ние“ треба да продолжиме да ги истражуваме сите хипотези за тоа како започнала пандемијата.
По оваа изјава, конзервативците побрзаа да потсетат дека Фаучи минатата година го кажа спротивното: „Постепената еволуција со текот на времето силно укажува на тоа дека [овој вирус] еволуирал во природата, а потоа се пренесувал меѓу различни видови суштества (од животни на луѓе)“. Во времето кога е дадена оваа изјава, во мај 2020 година, прашањето за потеклото на пандемијата (и вирусот) веќе подолго време беше исполитизирано, а администрацијата на Доналд Трамп сакаше што побрзо со прст да покаже дека Кина ја предизвикала оваа катастрофа. Мајк Помпео отиде најдалеку во своите изјави и кажа дека има „огромни докази“ дека болеста е создадена во Институтот за вирусологија во Вухан. Во тоа време Фаучи силно се спротиставуваше и се потсмеваше на ваквите тврдења поради што беше прогласен за херој од медиумите и јавните личности (меѓу кои и многумина од холивудската елита).
Новиот исказ на Фаучи за тоа дека не е „убеден“ дека Ковид-19 има природно потекло, е дел од промената на официјалната верзија за потеклото на вирусот во Америка која досега гласеше дека вирусот е природен, а сега се поддржува хипотезата за неговото „лабораториско потекло“. До 2020 година, службените лица и мејнстрим печатот не дозволуваа никаква дискусија на оваа тема (тоа беше табу, а оние кои ќе се одлучеа јавно да проговорат беа обвинувани дека шират теории на заговор). Дури и оние со најголем кредибилитет - научниците, односно 27 еминентни виролози, ставија свој потпис на писмо објавено во медицинскиот журнал Лансет во февруари 2020 година во кое истакнаа дека „силно ги осудуваат теориите на заговор со кои се сугерира дека Ковид-19 нема природно потекло“, како и писмо објавено во журналот Природна Медицина во март 2020 година во кое беше наведено дека „Нашите анализи јасно покажуваат дека SARS-CoV-2 не е создаден лабораториски“. Мејнстрим новинарите при известувањето на јавноста на темата Ковид-19 масовно се повикуваа на овие писма и тврдења, истовремено спротиставувајќи се на изјавите на Трамп и Помпео обвинувајќи ги за антикинеска пропаганда и велејќи дека дискусијата на таа тема е завршена.
Минатата година во обид да се креира што посилен консензус и да се убеди јавноста дека природата ни го донесе вирусот, социјалните акаунти на оние кои зборуваа за можното лабораториско потекло на Ковид-19 биваа суспендирани и затворани. Еден од нив беше и вирологот Др.Ли-менг Јан од Универзитетот во Хонгконг, кој во интервју со Такер Карлсон на Фокс Њуз на 15 септември 2020 година изјави „[Ковид-19] е вирус креиран од луѓе во лабораториски услови“. По ова, фактчекерот ПолитиФакт – истиот оној што е подржан од Институтот Поинтер – изјавата на овој научник ја оцени како лажна и ширење фејкњуз при што и даде најлоша „lier lier, pants of fire“ оценка (во мај 2021 – ПолитиФакт нечујно прави корекции на оценката).
Половина година подоцна, во февруари 2021 година, Светската здравствена администрација истрати делегација во Кина. Наводно , дел од членовите на тимот се вратиле со одредени сомнежи за природното потекло на вирусот, но во извештајот на СЗО беше наведено дека теориите за лабораториско потекло на вирусот се „крајно неверојатни“. По ова дузина научници јавно побараа сериозно да се разгледа можноста за лабораториско потекло на вирусот , вклучително и преку објавување на писмо потпишано од 18 експерти во магазинот Science. Кога Волстрит Џурнал објави текст врз основа на претходно необјавен извештај на американските разузнавачки служби, во кој пишува како тројца научници од Вухан се разболеле доволно за да бидат хоспитализирани во ноември 2019 година, тогаш веќе работите излегоа на виделина и неможеше фактчекерите туку така да ги етикетираат хипотезите за „лабораториско потекло“ на вирусот како лажни.
Сепак тоа не значи дека теоријата за „лабораториско потекло“ на вирусот е точна. Но тоа и не е толку релевантно за она што битно во целава работа. И покрај тоа што се обидуваат да ве убедат во спротивното, проверувачите на факти не постојат за да бидат секогаш сто отсто во право. Тие повеќе служат како последен механизам за безбедност, кој медиумите го користат за да се спречи „тресењето на зелени“ во јавност.
Во секој случај, само неколку дена по завршувањето на „Американскиот фестивал за проверка на фактите“, на 17 мај 2021 година Институтот Поинтер и Полити Факт мораа да дадат исправка на оценката („lier lier, pants of fire“) за неточност на изјавата на Др.Ли-менг Јан од минатиот септември за „лабораториското потекло“ на вирусот, притоа објаснувајќи: „Кога оваа проверка на факти за прв пат беше објавена во септември 2020 година, изворите на ПолитиФакт користеа мислење на научници кои тврдеа дека вирусот САРС-КоВ-2 не може да биде манипулиран/дизајниран од луѓе. Тоа тврдење сега се оспорува од пошироката јавност. Од таа причина, ние ја отстрануваме оваа проверка на фактите од нашата база на податоци во очекување на потемелни нови податоци.“
Проверувачите на факти ми ја имаат спасено кариерата за барем десетина работи за кои имам пишувано во минатото. Кога започнав да пишувам за работите кои се случуваат на Вол Стрит, уредниците од Ролинг Стоун им дадоа наредба на неколку вработени внимателно да ја проверат секоја линија од моите текстови за да се осигураат дека нема да направам тотална будала од себе (и од магазинот). Еднаш се пошегував дека еден факт чекер од Ролинг Стоун за малку ќе ми ја избришеше славната решеница за Голдман Сакс дека се банка во форма на „голем вампирски октопод обвиткан околу лицето на човештвото, бездушно забивајќи ги пипците желни за крв на сè што барем малку мириса на пари“, коректно забележувајќи дека окотоподите не цицаат крв.
Најголемиот дел од работата на факт чекерите од Ролинг Стоун за моите текстови воопшто не беше смешна и наивна. Лицето кое мораше да го проверува моето патетично објаснување за тоа што претставуваат „структурираните инвестициски возила (SIV)“ веројатно заслужуваше бенефициран стаж и доживотно снабдување со Дијазепам. Како и сите текстописци, јас имам поплаки на проверувачи на факти, но би бил последниот кој би рекол дека нивната работа не е значајна и важна.
Сепак, јавноста редовно е дезинформирана за описот на работното место на еден фактчекер. Нивната работа - особено во дневните весници – заради динамиката и брзината со која секојдневните информации треба да се објават во форма на вести – вообичаено има доволно време само за идентификување на потенцијални делови од текстот кои може да бидат причина за покренување на судски спор, како и вообичаените проверки на точноста на: датумите кои се наведени, спелувањата на имиња, оригиналноста на цитатите, дали настанот кој е опишан навистина се случил и други слични проверки.
За што било повеќе од тоа, а тоа се повеќето работи поврзани со веста, проверувачите на факти треба длабоко да се замислат и да направат добра проценка пред да донесат некоја тешка одлука. Најдобрите од нив имаат тенденција да сосечат било што, што после може да му се удри од глава на медиумот кој ја објавува веста. Добрите фактчекери треба да ја зачуваат илузијата за компетентност на организацијата која ја претставуваат. Тие се професионалци чија работа е да не биде премногу очигледно дека Волф Блицер или Мат Таиби или било кој друг новинар кој гледачите и читателите го следат, само што ги разбрале термините шилест протеин, имунитет на стадо или различните видови на методи за добивање вакцини. Според моето искуство, тие се прилично добри во тоа, но нивната работа е помалку за да утврдат дали нешто е факт, а повеќе за да спречат на виделина да дојде огромното незнаење кое постои во секоја новинска операција и пренесувањето вести од различни области (од едноставна причина што ниту медиумите, ниту било кој може да биде експерт и да ги знае сите детали за сите работи одеднаш).
За жал во текот на последните пет години, како што на корпоративните медиуми им се случуваше огромен пад на довербата кај јавноста, многу од нив избраа постојано да трубат за проверката на фактите како начин да се рекламираат колку се посветени на „вистината“. Проверката на фактите стана дел од аргументот за потребата постоење на „морална јасност“ во известувањето, што всушност е лажен стандард, бидејќи ги принудува медиумите во своето известување секогаш да кажуваат колку спротивните аргументи се погрешни, притоа нагласувајќи дека „вистината“ не смее да биде жртва на „лажната правичност и објективност“.
Еве како Кристијан Аманпур ја постави потребата од постоење на „морална јасност“ во новинарското известување, на фестивалот на Институтот Поинтер:
[Објективноста] при известувањето на некоја тема, без разлика дали станува збор за геноцид, климатски промени или изборите во САД или што било што се случува низ целиот свет не е да се каже: ‘Од една страна..., а од друга страна...’, и да се преправаме дека фактите и вистината се подеднакво поделени кај секоја од страните...
Аманпур продолжи да објаснува дека нејзината кариера започна со известувањето во Босна, каде едната страна била „агресивната“, а другата не, и ќе беше непристојно да се каже дека е поинаку. Ова е суптилно климање кон верглањето дека „објективност не значи давање на подеднакво време (во етерот) на републиканците“ што во изминатава година стана популарна мантра кај мејнстрим медиумите (иако Фокс го институираше истиот аргумент, но во спротивна насока пред три децении).
Но, објективноста никогаш не била за тоа да се даде подеднакво време и тежина на „обете страни“. Објективноста во бизнисот со вести претставува брза операција во која оние кои ги носат главните одлуки, работат со скоро нула ниво на знаење за повеќето работи за кои известуваат, и во најдобар случај искрено се обидуваат да ја погодат вистината која реално е подвижна цел во новинарството.
Како и самиот концепт за проверка на факти, концептот „од една страна... а од друга страна...“ е одбранбен механизам. ‘Овие луѓе велат X, овие луѓе велат Y’, и бидејќи брборливите манекен(к)и кои читаат од телепромптерите всушност не знаат многу за темата, ќе оставиме времето да ги реши најсложените делови од веста.
Јавноста порано ја ценеше понизноста на ваквиот пристап. Но сега се почесто јавноста од новинарите добива „свети говори“ за тоа како репортерите се смели трагачи по вистината кои седат покрај Бога и голтаат амфетамини за да можат да останат будни цела ноќ бранејќи ја демократијата од „дезинформации“. Но најлош вид дезинформации во новинарството е да бидете премногу сигурни за што било. Ова особено е точно кога се обработуваат комплексни технички прашања, а уште повеќе кога официјалните (државни или корпоративни) извори на информации се заинтересирани да ја елиминираат дискусијата за алтернативните сценарија.
Од самиот почеток, печатот најчесто лошо управуваше со известувањето за ковид-19. Дел од ова беше затоа што скоро за сите критични прашања - употребата на маски, карантините, изводливоста на програмите за вакцинирање и така натаму - беа пласирани од новинските компании низ призмата на културолошките наративи и разлики. Дополнителен проблем беше што новинските компании ја пласираат погрешната идеја дека вестите се точна наука за да ја промовираат уште полошата заблуда дека науката е секогаш егзактна и прецизна. Ова доведе до апсурдни ситуации кога новинските агенции се обидуваа да ја прикријат или осудат како лага, природната реалност дека официјалните лица може да имаат еволуирачки ставови за работи како што се ефикасноста на машините за вештачко дишење или користа од употребата на маски.
Кога Си-Ен-Ен направи проверка на фактите на прашањето: "Дали Фаучи се предомисли за ефективноста на маските?" се чинеше дека повеќе се загрижени за радоста што ќе ја почувствуваат следбениците на Трамп ако едноставно напишат „да“, па затоа одговорот наместо тоа стана: „Да, но и Трамп е шупак“ (бидејќи тој имплицираше дека потребата да се носат маски сè уште е тема за дискусија и дебата). Со секое нарекување и етикетирање на научниот консензус кој важи во одреден момент како непроменлив „факт“, медиумите направија нормалната еволуција во научните дебати да изгледа како нечесна игра со што бесмислено ја зголемија недовербата кон научниците но и кон самите себе.
Проверката на фактите беше огромна благодет кога се спроведуваше надвор од очите на јавноста и кога тивко се работеше на полирање на големиот број на новински текстови и репортажи. Кога компаниите проверката на фактите ја доведоа во јавност и ја направија главен двигател за импресионирање на публиката, тие ја оцрнија традицијата.
Само некои работи можеме да ги знаеме апсолутно точно, а тоа е како се спелува femur (феморална коска) или вкупниот број на додавања и пресретнувања на бекот Блејн Габерт во неговата кариера. Јавноста знае дека сè друго може да е предмет на дебата и размена на аргументи, па ние (новинарите) изгледаме само како кретени што се преправаат дека можеме да го провериме факт-чекираме и универзумот. Подобро би било да го признаеме она што не го знаеме.