Назад во прво:

Што погрешно научивме на школо?

Нека не ви е криво што како мали ве учеле дека „Тито сите нè гледа“ или дека партизаните се тепале со балистите. Тоа само значи дека сте стари. Оттогаш не издржа ни Плутон, а не па Тито или историските лекции. Седум некогашни факти што веќе не се тоа.

ТОГАШ: Плутон е планета

СЕГА: Плутон не е планета

Уште од крајот на 1800-тите знаевме дека потенцијално постои деветта планета, по Уран. Во 1906 година Персивал Ловел, основачот на опсерваторијата Ловел во Флагстаф, Аризона, дури почнал и истражувачки проект со цел да ја лоцира мистериозната „Планета Икс“.

Потоа, во 1930 година, еден 23-годишен новајлија во опсерваторијата ја најде. Пронаоѓачот, Клајд Томбо, бил задолжен систематски да ги споредува фотографиите од небото правени на растојание од неколку недели во потрага по објекти што се движат. Тој на крај видел еден таков објект и го испратил своето откритие во опсерваторијата на Харвард. Откако едно 11-годишно англиско девојче ѝ даде име на новата планета (по римскиот бог на подземниот свет), ние го вклучивме Плутон како планета во нашиот сончев систем.

Но во 2003 година еден астроном пронајде еден поголем објект зад Плутон - кој тој го нарече Ерис. Новата информација поттикна еден куп други астрономи да се запрашаат што навистина една планета ја прави планета, па одлучија, во зависност од големината и локацијата, дека Плутон едноставно не влегува во таа група. Исто како ни Ерис. Плутон беше деградиран на статусот џуџеста планета.

Нема потреба да се кажува, основците беа прилично збунети.

Но сепак има надеж. Истражувачите неодамна почнаа пак да дебатираат дали Плутон повторно да се прогласи за планета.

ТОГАШ: Дијамантот е најтврдата супстанција

СЕГА: Најтврдата супстанција е ултратврдиот нанокристален кубен бор нитрид

Од 2009 година знаеме за две супстанции потврди од дијамантот: вурцитен бор нитрид и лонсдејлит, според Саентифик Американ. Првиот му одолева на повлекувањето за 18% посмело од дијамантот, а вториот - за неверојатни 58%.

За жал, двете супстанции имаат малку необична и нестабилна природа. Всушност, авторите на студијата, објавена во списанието Физикал ривју летерс, само ја пресметале тврдоста на новите супстанции, наместо и да ја тестираат на материјален примерок. Тоа го прави откривањето малку теоретско.

Но во јануари 2013 година во списанието Нејчр беше објавен уште еден конкурент. Со наједноставни термини, истражувачите згуснале честички бор нитрид за да формираат „ултратврд нанокристален кубен бор нитрид“. Тие едноставно ги реорганизирале честичките како кромид, или како ронлива ружа, или како оние мали руски кукли што се вклопуваат една во друга, како што објасни тимот за Ваерд.

Како резултат на тоа, сега очекувајте жените низ целиот свет да почнат да бараат веренички прстени од ултратврд нанокристален кубен бор нитрид. Затоа што тие навистина се засекогаш.

ТОГАШ: Вештерките во Салем биле палени на клада

СЕГА: Тие се бесат

Дури и ако во средно не сте ја прочитале „Вештерките од Салем“ од Артур Милер, веројатно сте чуле дека жителите на Салем палеле вештерки на клада.

Но тоа никогаш не се случило, вели Ричард Траск, градскиот архивар на Денверс (порано познат како Салем Вилиџ.) Тој бил и претседател на Тристагодишниот вештерски комитет на Салем Вилиџ од 1990 до 1992 и напишал книга со детали за временскиот период наречен „Вештерска хистерија во Салем Вилиџ“.

Во времето на судењата, Нова Англија сè уште го почитувала англискиот закон, според кој вештерството е кривично дело казниво со бесење - не со палење на клада, вели Траск. Во Европа, сепак, црквата го означила вештерството како ерес и навистина ги врзувала и ги палела осомничените вештерки и вештери. Па сами проценете како дошло до збунката.

ТОГАШ: Израелски робови ги изградиле пирамидите

СЕГА: Самите египетски работници ги изградиле пирамидите

Дури и филмовите како „Принцот од Египет“ ја пропагираа идејата дека робовите ги изградиле пирамидите. Иако многумина сметаат дека Библијата ни го кажува тоа, книгата не спомнува никакви детали.

Наводно, овој популарен мит потекнува од коментарите на поранешниот израелски премиер Менахем Бегин кога го посетил Египет во 1977 година, вели Амихаи Мазар, професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

„Никакви Евреи не ги изградиле пирамидите, бидејќи Евреите уште не постоеле во периодот кога биле изградени пирамидите“, рече Мазар за Асошиејтед прес.

Поновите археолошки наоди всушност покажуваат дека самите Египќани си ги изградиле пирамидите. Работниците биле регрутирани од сиромашни семејства од северот и југот, но биле многу почитувани и добивале гробници во близина на пирамидите, па дури и соодветни подготовки за погребите.

На робовите не би им биле оддавани толкави почести.

ТОГАШ: Превиткувањето парче хартија повеќе од седум пати е математички невозможно

СЕГА: Рекордот е 13 пати

Дали на час по уметност или по наука, оваа гласина дефинитивно се рашири меѓу народот. Но не пројде кај Бритни Галиван, калифорниска средношколка.

Таа со уште неколку волонтери купи џиновска ролна тоалетна хартија за 85 долари и ги шокираше сите свиткувајќи ја изненадувачки 11 пати. Таа заклучила дека сите други што се обиделе во потфатот ги менувале правците на виткање, па дури и создаде равенка, врз основа на дебелината и ширината на конкретната хартија, зошто не треба да го правите тоа.

Галиван беше воведничар на Конвенцијата на Националниот совет на наставници по математика во 2006 година. Во 2007 година дипломираше на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, со диплома по животна средина, а потоа се појави во „Мит бастерс“.

Во 2012 година студенти од училиштето Сент Марк во Саутбороу, Масачусетс, го соборија рекордот на Галиван, свиткувајќи хартија 13 пати.

ТОГАШ: Кинескиот ѕид е единствената вештачка структура видлива од вселената

СЕГА: Многу вештачки структури се видливи од вселената

Технички, тоа никогаш не било цврста „вистина“ - само факт што третоодделенците го ставаа во своите писмени работи. Всушност, гласините дека атракцијата може да ја видите не само од вселенски брод, туку дури и од месечината, датираат уште од 1938.

Во 2003, сепак, првиот кинески астронаут конечно го разби митот.

Човекот по име Јанг Ливеи, призна дека не можел да го види Кинескиот ѕид од вселената, според НАСА.

Потоа тук-таму се појавија други фотографии. Се дојде до консензус дека сепак може да го ѕирнете Ѕидот, но само во вистинските услови (снег врз објектот) или со камера со зум. Може да ги видите и светлата на големите градови - и главните патишта и мостови и аеродроми и брани и резервоари.

Митот за месечината, сепак, е скроз погрешен.

„Единственото нешто што може да го видите од месечината е убава сфера, претежно бела, некои сини и жолти парчиња, а одвреме-навреме и понекоја зелена вегетација“, рече астронаутот Алан Бин од Аполо 12 на НАСА. „Не се гледа ниеден вештачки објект.“

За да биде појасно, луѓето веројатно мислат дека овие објекти се видливи од сателитите што орбитираат околу Земјата - но тоа не е вистинска вселена.

ТОГАШ: Постојат пет (или три) царства на категоризација

СЕГА: Може да има дури до осум царства

Во зависност од тоа каде сте пораснале, вашиот учител по наука во средно училиште веројатно ве учел дека има три главни биолошки царства - животни, растенија и бактерии (монери) - или пет, вклучувајќи ги и габите и протистите.

Како и да било, оттогаш ја проширивме нашата биолошка категоризација.

Колку повеќе видови наоѓаме и анализираме, толку посложено станува класифицирањето на животот. Освен петте царства погоре, сега знаеме за археите, претходно бутнати во графата монери. Археите површно изгледаат како другите едноклеточни организми наречени бактерии, но тие се скроз поинакви.

Дури постојат и поголеми системи што ги делат бактериите на уште две царства, односно ги одвојуваат хромистите од сите други протисти.

 

22 март 2017 - 19:58