При неодамнешна посета на Калифорнија со пријател Словенец присуствував на забава во куќата на еден професор. Доцна вечерта мојот пријател го фати очај, и го замоли домаќинот да излезе на тераса да испуши цигара. Кога домаќинот еднакво љубезно рече „не", мојот пријател рече дека ќе излезе и ќе запали пред куќа, на улица. Домаќинот дури и тоа го одби, тврдејќи дека таквото пушење на јавно место би можело да му наштети на неговиот статус меѓу соседите...Она што навистина ме изненади е што по вечерата ни понуди (не толку) лесни дроги, и тој вид пушење мина без проблем, како да е дрогата помалку опасна од цигарите.
Такви примери на денешен конзумеризам го илустрираат нашиот неуспех да се носиме со смртоносното претерување во уживањето. Се обидуваме да ги ограничиме на задоволство кое по дефиниција е умерено и регулирано со соодветни мерки. Оттаму имаме два екстрема: од една страна го имаме просветениот хедонист кој внимателно ги калкулира своите задоволства за да ја продолжи забавата и да го избегне нанесувањето штета на самиот себе, а од друга страна трагачот по задоволства кој е подготвен да ја консумира сопствената егзистенција во смртоносен напад на уживање. Каква лекција би требало да извлечеме од ова?
Oсновната стратегија на просветениот потрошувачки хедонизам е уживањето да го лиши од претераните димензии, од вознемирувачкиот вишок, од фактот дека тој не служи за ништо. Уживањето се толерира, дури и се промовира, но само под услов да остане здравo и да не ја загрозува нашата психичка или физичка стабилност. Чоколадо може, но без маснотии. Кока кола може, но диетална. Кафе може, но без кофеин. Пиво може, но без алкохол. Секс може, но да е безбеден.
Сетете се на текстовите во популарните списанија кои го промовираат сексот како нешто добро за вашето здравје: сексуалниот чин е како џогинг - го јакне срцето и ја смалува напнатоста. Дури и бакнувањето е добро затоа што ги развива фацијалните мускули.
Изгледа дека постои само еден (или повеќе - два) исклучока во овој свет на здраво уживање: цигарите (и, ако се држиме до нашата теза, дрогата). Од различни, главно идеолошки причини, се покажа невозможно уживањето во пушење да се претвори во здрава и корисна дејност. Пушењето остана смртна зависност, и таа особина ги уништува сите негови други особини (дека тоа опушта, помага во создавањето пријателски контакти).
Јакнењето на оваа прохибиција може да се посматра преку постапните промени на кутиите цигари. Пред доста години обично би добиле неутрален став од експертите, како предупредување од Министерството за здравство: „Пушењето цигари може да биде опасно по вашето здравје". Тонот со време стана поагресивен: „Пушењето може да ве убие" - јасно предупредување дека претераното уживање е смртоносно...Понатаму, предупредувањата станаа сè поголеми и поголеми, и на крајот им се додадени колор фотографии на бели дробови поцрнети од катран. Оттаму не е чудно што прохибицијата на пушењето толку бргу се рашири. Прво пушењето е забрането во канцеларии. Потоа авионите станаа зони без пушење, па рестораните, па аеродромите, па баровите, дури и приватните клубови. Кога тоа се покажа како недоволно, пушењето е забрането 50 метри од влезот во зградата.
Најдобар показател на новиот статус на пушењето е, по обичај, Холивуд. Во класичниот Холивуд на '30-тите и '40-тите години, пушењето на екран беше сосема нормално, функционираше како метод на заведување (да се присетиме кога во „Да се има и да се нема" Лорин Бекол бара запалка од Хемфри Богарт). Денес оние ретките кои пушат на екранот се арапски терористи, криминалци и антијунаци. Некој дури сериозно размислуваше за дигитално бришење на цигарите од старите класични филмови.
Но, кои се другите чие „зависничко однесување" - со други зборови демонстрацијата на претераното уживање - толку нè вознемирува? Не е тоа никој друг туку оние кои, во јудео-христијанската традиција, ги нарекуваме соседи, ближни. Ближните по дефиниција нè вознемируваат, а вознемирувањето е уште еден збор кој, без оглед што изгледа дека се однесува на точно одреден факт, функционира двосмислено.
Во своето основно значење тој збор означува брутални факти на силување, претепување или други облици на насилство кои мораат да бидат осудени. Но, во доминантните облици на користењето на зборот „вознемирување", тоа основно значење се однесува на осудата на секое претерано проближување на едно суштество на друго, со своите желби, стравови и уживања. Две теми го одредуваат нашиот толерантен став кон другите: почитувањето на различноста и опресивниот страв од вознемирување.
Другите се во ред ако неговото или нејзиното присуство не е нападно, ако другите не се вистински други. Мојата должност да бидам толерантен кон соседот значи дека не би смеел да му се приближувам премногу, и дека не би смеел премногу да заоѓам во неговиот простор...Тоа всушност би можело да биде централното човечко право во доцнокапиталистичкото општество: правото да не бидеш вознемируван, туку да останеш на сигурна раздалеченост од другите.
Судовите на мнозинството на западните општества денес наметнуваат забрана на приближување за да спречат некого да вознемирува друга личност, да речеме да го следи или да се обидува да го заведе. Оној кој вознемирува може да добие судска забрана за приближување на жртвата и да мора да остане на оддалеченост поголема од 100 метри. Во таа мерка е содржано нешто што е нужна одбрана од желбата на другите: нели е очигледно дека тука има нешто ужасно насилно, во желбата да се покаже страст кон друго човечко суштество? Страста по дефиниција му нанесува болка на својот „објект". Дури и ако „примателот" се согласи некој да му го „окупира" просторот, тој или таа никогаш тоа не може да го направи без одредено изненадување. Посебно би требало да бидеме сомничави кон мажите кои се опседнати со сексуално вознемирување на жени. Штом малку ќе загребеме по профеминистички политички коректната површина, ќе го воочиме познатиот машко-шовинистички мит за тоа дека жените се беспомошни суштества кои би требало да бидат штитени не само од наметливите мажи, туку и од самите себе. Не е проблемот во тоа што жените не можат да се заштитат самите себеси, туку во тоа дека тие би можеле да уживаат во тоа што сексуално некој ги вознемирува, дека машката наметливост ќе ослободи во тие жени самоуништувачка експлозија на претерано сексуално уживање. Би требало да се фокусираме на оној вид субјективност кој е содржан во овие опсесии, во различните облици на вознемирување: нарцисоидната субјективност за која сè што прави некој друг - ме гледа, ми се обраќа - е потенцијална закана. Излегува дека сајберсексот е ултимативно коректен секс. Со оглед на тоа што се занимаваме само со виртуелни партнери, во сајберсексот нема вознемирување. Ова е идеја на простор во кој никој не е вознемируван и во кој сме слободни да ги исполниме своите највалкани фантазии.
Неочекуваното враќање на смртта во срцето на политичката коректност покажува дека не е лесно да се отарасиме од насилството. Насилството се враќа во обидот да се ослободиме од него. Која е внатрешната логика на она што го сметаме за сексуално вознемирување? Тоа е асиметријата на заведувањето, нерамнотежата меѓу желбата и предметот на желбата. На секоја етапа на еротски однос е дозволен само договорениот реципроцитет со взаемна согласност. Половиот однос е десексуализиран и станува договор, како пазарна размена помеѓу еднакво слободни партнери, во кој се разменува уживање. Експлозивното ширење на порнографија е придонес на дигиталните медиуми кон оваа десексуализација на сексот. Во неа постојано се ветува сè повеќе и повеќе секс, покажување на „сè'", но сето она што се испорачува е бескрајно репродуцирано самозадоволство, односно сè повеќе и повеќе сирова стварност - од екстремни пенетрација со дланка, па до најлошиот снуф.
Подемот на политичката коректност и порастот на насилството заради тоа се две страни на истата паричка. Основната премиса на политичката коректност е редукцијата на сексуалноста на договор од двете страни. Движењето за права на хомосексуалците неизбежно го постигна својот климакс со таквите „договори", во кои се договараат екстремни облици на садомазохистички секс, како нечие третирање како куче со синџир околу вратот, ропски однос, мачење. Во таквите облици на согласување на ропство, пазарната слобода го постигнува својот врв и самата се уништува: трговијата со робови станува врвен израз на слобода!
(П.С. Јас не сум пушач, и никогаш не сум бил, и сосема се согласувам со дополнителното оданочување и казнување на тутунската индустрија)