Хунтата на чело со пензионираниот армиски генерал Прајат Чан-оча ја презеде власта во мај минатата година, соборувајќи го со воен пуч премиерот Шинаватра и неговата администрација по неколку месечниот период на крвави демонстрации во земјата.
Хунтата вети дека власта ја зема само за да ја стабилизира земјата и дека командувањето со државната администрација ќе го предаде на цивилните институции во 2017-та.
Еден ден пред поднесувањето на овогодинешниот извештај за работата на актуелната влада, истата обелодени резултати од истражување на јавното мислење според кои преку 99 проценти од населението се задоволни со нејзината работа.
Аха, нарачател на истражувањето е владата на Прајат Чан-оча.
А дека нему му е битна народната среќа говори и фактот дека лично има испеано две песни за јакнење на националниот морал. Последната се вика "Затоа што си во Тајланд" и оди вака:
"Јас имам само две раце и еден здив. Тие можеби не се доволни за да се исполни еден сон. Но, ако ги здружиме нашите раце и здив, тој ден можеби не е далеку".
Во меѓувреме добар дел интелектуалци и новинари во Тајланд се уапсени.
Интересен е неговиот став кон медиумите кои не пишуваат добро за него:
- Ако ги оставиме да ме обвинуваат, луѓето и општеството тоа ќе го слушаат секој ден и еден ден ќе поверуваат во тоа!
Запрашан што ќе прави со оние новинари кои "не ја говорат вистината", униформираниот пејач на среќата одговори:
- Можеби едноставно ќе ги погубиме.
Ветувањето за нови избори во 2017-та засега останува на сила иако познавачите сметаат дека најавеното сценарио како да се стигне до нив е толку комплицирано што може да биде саботирано на повеќе точки.
Оригиналната песна на премиерот ја скинале од Јутјуб, ама затоа заебанциите на негова сметка останале.