Нова главоболка за Путин - Чеченија

Путин е на многу маки. Украински дронови напаѓаат се подлабоко на руска територија, економијата е под притисок од долгогодишни санкции, но во позадина се појавува нов проблем - во регионот што во 1999 година му помогна да дојде на власт во Кремљ. Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров е сериозно болен и борбата кој ќе го наследи може да ѝ отвори нов фронт на Русија.

Малата република на Кавказот има долга историја да создава непропорционално големи проблеми за Москва. Нејзиниот неприкосновен лидер Рамзан Кадиров, на возраст од 49 години страда од сериозна болест, веројатно терминална, која би можела да го отстрани од сцената во секој момент.

Неговиот избран наследник, синот Адам, на возраст од 18 години е премлад за да ја преземе улогата и се соочува со голем број предизвикувачи.

Рускиот претседател Владимир Путин, кој со години одржува блиски врски со Рамзан и го крепи на власт, би можел да дозволи неговиот син да ја продолжи династијата во Грозни. При таква одлука, се очекува да испрати регент од Москва, кој би му помагал на младиот лидер додека не наметне сопствен авторитет.

Но, таквото решение би можело да се покаже потешко отколку што изгледа. Рамзан Кадиров наметна автократија базирана на кланови со длабоко вкоренети традиции на крвна одмазда. Многумина од неговите ривали што избегаа во егзил чекаат да ги израмнат сметките.

Ситуацијата уште повеќе ја искомплицира војната во Украина, во која чеченски борци се на двете страни од фронтот. Кадиров му е лојален на Путин и испрати одреди што учествуваа во офанзивата, но Киев во 2022 година призна независност на Чеченија и ја охрабрува опозицијата, со цел да поттикне оружен бунт што би ги исцрпел воените ресурси на Русија. За таа цел Украинците потсетуваат дека Путин - поранешниот агент на КГБ унапреден на функцијата премиер - ги командуваше руските сили кои го задушија бунтот на Чеченците и им го срамнија со земја нивниот главен град. Обединетите нации во 2000 година го прогласија Грозни за „најуништен град во светот“.

Путин тогаш се потпираше на еден од локалните команданти - Ахмат Кадиров, кој шест години беше главен муфтија во Чеченија. Во Првата чеченска војна (1994-96 година), Ахмат се бореше против руските сили. Во Втората (1999-2000) ја смени страната и постигна договор со Путин да ја преземе власта кога војната ќе заврши, со автономија каква што нема ниту една друга руска република. Кога Ахмат Кадиров беше разнесен од бомба во 2004 година, власта му припадна на неговиот син Рамзан, кој оттогаш цврсто ја држи под контрола.

Рамзан Кадиров брутално се пресметуваше со политичките противници и воведе режим на шеријатско право, вклучувајќи и полигамија, која е забранета во остатокот од Руската Федерација. Путин ја поддржуваше неговата власт со 3,8 милијарди долари  годишно - околу 92% од буџетот на Чеченија. Освен за раскошниот живот, Рамзан со овие пари создаде безбедносни сили од 33.000 луѓе, лојални само нему. Тие би можеле да бидат главен фактор во транзицијата на власта.

Адам Кадиров лани како малолетник беше назначен за шеф на Советот за безбедност на Чеченија, што е очигледен обид на Рамзан Кадиров да ја продолжи династијата. Своите 12 деца (шест сина и шест ќерки) ги омажил и оженил за наследници од други кланови.

Во изминатите години тој исто така ги продлабочи врските со богати наследници од Емиратите, вклучувајќи го и претседателот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Тоа е јасен обид да им обезбеди засолниште на децата, поширокото семејство и кланот ако бидат загрозени по неговата евентуална смрт.

******

Види и: Рамзан Кадиров го накити со медали својот 18-годишен син

5 јуни 2026 - 15:58