Пред 60 години, американската безбол икона Џо ДиМаџио се жени со најпосакуваната жена на светот, Мерилин Монро, со која претходно се забавуваат две години.
Бракот им трае кратко, само 274 дена, но, не е без дешавки. Подоцна Мерлинка го обвинува Џо за ментална свирепост и малку сеири над неговата сексуалност велејќи дека требало да добие Оскар за нејзините глумења оргазам во брачната постела.
А секоја глума бара и емпирија па Монро малку истражувала наоколу.
Во целосната биографија за ДиМаџио "Животот на херојот" на Ричард Крејмер се опишува случка кога тој и Синатра за малку ќе ја фателе жива како се плеска со џез музичарот кај кого земала часови по пеење.
Двајцата биле на вечера во ресторан. Како услуга за пријателот, Синатра најмил детективи да ја следат Монро кого сопругот ја сомничел дека ѝ мрда опашката. Во текот на вечерата од нив добиваат дојава дека Мерилин влегла со маж во еден холивудски апартман. Добиваат и адреса. Двајцата излетуваат од ресторанот и упаѓаат во кола.
Френк се обидуваше да го смири Џо. Околу 23:15, сите во зградата слушнаа силен тресок, кога луѓето на Синатра сосила упаднаа во еден апартман, за таму да затекнат само една 50 годишна жена која сама спиела дома, тотално шокирана од насилниот упад и блицовите на фото апаратите... Во меѓувреме, преку врата само неколку метри понатаму, Мерилин Монро и Хал Шефер успеале да излезат од апартманот во кој биле (сопственост на друга клиентка на Шефер) и да се изгубат од незгодното место.
И покрај не баш највеселите спомени од тој брак, американскиот безбол играч до крај на животот нема да ја заборави Мерилин. Кога таа умира, токму тој го организира нејзиниот погреб а од нејзината смрт во 1962-ра па до неговата во 1999-та, неколкупати неделно редовно праќа цвеќе на нејзиниот гроб.