За новата награда која се вика „Киндл Раскажувач“ (Kindle Storyteller) можат да конкурираат автори кои пишуваат на англиски, во било кој жанр, за книги објавени на платформата Киндл дајрект паблишинг помеѓу 20 февруари и 19 мај 2017.
Ова теориски значи дека помеѓу конкурентите можат да се најдат и наши автори, кои веќе ја користат, или можеби ќе се охрабрат да се опробаат на оваа платформа. Од првите не познаваме многумина освен наша Јана, која на КДП веќе има објавено две книги (тука и тука). Објавувањето е бесплатно, правата заштитени со договор, а авторите добиваат 70% од секоја продажба. Добро, услов секако е и нешто да напишеш (на англиски), тоа да биде минимум 5,000 зборови и да се потрудиш да не биде скроз глупо.
Има тука и куп други финти, како и секогаш кога треба нешто да се продаде, и исто толку нуспојави на системот во кој со 3 долари и за 5 минути можеш да станеш „бестселер автор“ (како човекот кој наместо корица од книга си објави слика од сопственото стапало во жанрот „транспсихологија“, за што пишувавме тука). Но подобро е од тоа да ти помине животот во чекање некој да те финансира и да се бафташ со печатници, дистрибуција и непостоечки домашен пазар.
Наградата која сега ја воспоставува британскиот Амазон, а особено 20,000-те фунти и можностите за поширока промоција се уште една мотивација за полнење на платформата со содржина. Книгата-добитник според најавите ќе биде одбрана преку комбинација на читателскиот интерес и мислењето на „внимателно одбрано“ жири. А авторот после за тие пари може да си објави колку сака копии на хартија, за таквите ко нас кои се уште се заглавени во аналогно доба.