Чекор по чекор до најпродаван

Измамата зад „бестселерите" на Амазон

Зошто некој би лажел дека е најдобро продаван автор? Затоа што супер звучи, а и покажува дека не само што сте напишале книга, туку дека и пазарот пресудил дека таа е побарана од многу други. Титулата е статусна и посакувана. И, најдобро од сè, може да се купи за 3 долари и 5 минути.

„Би сакал да ви кажам за најголемата лага во издаваштвото. Нешто што се појавува во биографиите и профилите на социјалните медиуми на речиси секој писател денес - зборот бестселер" - вака почнува текст во Обсервер извесен Брент Андервуд, кој се обидел и самиот да го тестира статусот „Амазон бестселер", кој стана синоним за вистински најпродаваната и најчитаната книга, која не е тоа.

Андервуд, кој инаку и самиот е издавач на 30 книги кои се нашле на според него се уште кредибилната бестселер листата на Њујорк Тајмс, со текот на времето почнал да станува огорчен заради фактот дека „бестселер" авторите никнуваат и кајшто не ги сееш, и тоа не само во областа на книгите туку и на различни курсеви, вебинари (семинар, ама на веб), пакети, тајни...Има и фирми кои ви нудат „гарантиран бестселер статус" за само „4 плаќања од по 1,3333 долари", иако ви нагласуваат дека продажбата на книги НЕ е гарантирана. Други се поевтини, па така на сајт кој се вика Бестселер кампејн блупринт се нуди можност да го видите своето дело веднаш до писателските херои на кои им се восхитувате за само 997 долари. И тоа е само дел од ваквите сајтови.

Што презел човекот во форма на тест, но и протест кон ваквата состојба? Самиот се направил бестселер автор, со тоа што качил лажна книга на Амазон. Си го сликал стапалото, ја качил фотографијата на сајтот и за неколку часа добил Бр. 1 бестселер статус, сосе портокаловиот банер.

Колку примероци требало да продаде за да се јави на мајка му и да отвори шампањ? Три. Еве ја целата приказна, чекор по чекор, стапало по стапало.

Чекор 1: Пишување на книгата (помалку од 2 секунди)

Всушност, се работи за „книга" од само една страница, фотографија на нога, со симболичен наслов Putting My Foot Down

Чекор 2: Качување на сајт, форматирање (помалку од 3 минути) и одбирање категорија од над 500-те колку што ги има на Амазон. Човеков одбрал „трансперсонални движења" и „масонски студии". Сами си ја одредувате и цената, а најниската е 0,99 центи.

Дизајнирање на сопствената корица

Очекување (со страв) потврда од Амазон - без проблем добиена

Честитки - вашата страница на Амазон е подготвена!

Чекор 3: Замолување тројца пријатели да ја купат книгата. 1 минута, а можело да биде и пократко доколку едниот пријател да не поставувал непотребни прашања

Чекор 4: Чекање на статистиката за продажба

Чекор 5: Аирлија, вие сте бестселер автор! (во категориите трансперсонална психологија и слободна масонерија)

 

После објавувањето на статијата, книгата без објаснување исчезнала од каталогот на Амазон. А после нејзиното читање се очекува дека ќе исчезне и она малку верба што сте ја имале во бестселер листите, за што и да е.

26 февруари 2016 - 08:44