Во Уганда „видео-џокеи“ коментираат холивудски филмови на масовни пиратски проекции

Ако влезете во нешто што се вика „видео-сала“ во Уганда, веднаш ќе ви го привлече вниманието човек што седи напред, свртен кон публиката. Тој зборува брзо во микрофон, гласно и непрекинато, често целосно го надгласува звукот на самиот филм. Зошто побогу постојано се меша во филмот што луѓето дошле да го гледаат на раат?

Во Уганда има многу малку класични кина – во главниот град Кампала има само три. Наместо тоа, низ целата земја постои широка мрежа на таканаречени видео-сали, локално наречени „бибанди“.

Тие најчесто се наоѓаат во периферните урбани делови и влезот е многу евтин – околу 1.000 угандски шилинзи (помалку од половина евро), за разлика од кино-билетите кои чинат и до 20.000 шилинзи. Внатре има клупи или столчиња поставени пред телевизори, а филмовите се пуштаат во текот на целиот ден. Најчесто станува збор за пиратски копии од холивудски, индиски, нигериски, корејски, кинески и други филмови. Според некои проценки, во Уганда може да има и до 3.000 вакви видео-сали.

И покрај популарноста на овие места, сопствениците се соочуваат со проблем: иако Уганда била британска колонија, не сите зборуваат течно англиски, а уште помалку хинди, мандарински, кантонски или корејски. Како одговор на тоа, уште во 1980-тите се појавува фигурата на „видео-џокејот“ (VJ), која брзо станува клучен дел од ова искуство.

Ви-џејот седи пред публиката со микрофон и миксета и зборува преку филмот: ја објаснува приказната, го прераскажува дијалогот и го прилагодува на локалниот јазик (во Кампала најчесто лугандски). Но, неговата интерпретација често значително отстапува од оригиналот. Ликовите и местата добиваат угандски имиња, а во нарацијата се вметнуваат претерувања, шеги, како и социјални и морални коментари.

Еден соговорник на авторот на текст на оваа тема објавен во британскиот „Конверзејшн“, раскажува за Ви-џеј кој го „коментирал“ филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, постојано повторувајќи дека „оваа бомба е доволно голема да ја уништи цела Африка“. На тој начин, тој ја засилувал драматичноста и го приближувал филмот до локалниот контекст. Затоа, ви-џеј тешко може да се смета за обичен преведувач – повеќе наликува на водител, конферансие или спортски коментатор кој го „зачинува“ филмот и ја држи публиката во возбуда.

Многу видео-џокеи се вистински ѕвезди во Уганда и имаат верна публика што доаѓа токму поради нив, а не поради филмот. Некои од нив ја користат својата популарност за да продаваат пиратски ДВД-а или онлајн содржини со нивна синхронизација. Дури и угандијските телевизии експериментирале со емитување странски програми со Виџеј-коментар.

И покрај популарноста, видео-џокеите се и контроверзни. Нивната работа се темели на пиратство и сериозно ги нарушува авторските права. Толерирањето на оваа пракса во Уганда го отежнува развојот на одржлива домашна филмска индустрија, бидејќи локалните продуценти не можат да конкурираат со „бесплатните“ филмови што ги нудат Виџеите. Некои филмаџии, исто така, сметаат дека ваквиот начин на гледање го нарушува интегритетот на филмот и го поедноставува искуството на публиката.

Сепак, дебатите околу видео-џокеите отвораат две важни сознанија. Прво, „нормалниот“ начин на гледање филм многу варира од место до место и зависи од социјалниот, културниот и економскиот контекст. Тивкиот, концентриран начин на гледање во европските или северноамериканските кина е само една од многуте можни форми на кино-искуство. Второ, доживувањето на филмот не зависи само од самиот филм, туку и од заедничкото искуство на гледање. Во таа смисла, иако видео-џокеите се специфична угандска традиција, тие нè учат за тоа како луѓето насекаде во светот ги доживуваат филмовите.

5 јануари 2026 - 08:48