Како да не ви се збајати ентузијазмот на „новиот почеток“

Секој јануари носи чувство на вртење нова страница. Во канцелариите се појавуваат тазе испечатени календари, на состаноците се отвораат чисти нотеси, а списоците со задачи изгледаат поуредно и поамбициозно. Постои колективна надеж дека овојпат навистина ќе биде поинаку. Но, веќе во февруари, ентузијазмот почнува да стивнува, а многу од тие планери остануваат напола празни. Често ова го припишуваме на недостиг од дисциплина, но психологијата нуди понијансирано објаснување.

Новите години (или родендените) навистина нè поттикнуваат да започнеме нешто, но ретко ни помагаат да истраеме во истото. Причината лежи во начинот на кој функционира мотивацијата. Почетокот на годината делува како таканаречена „временска пресвртница“ – момент што симболично го одвојува нашето „старо јас“ од верзијата што сакаме да ја изградиме. Овој ефект создава чувство дека минатите неуспеси се оставени зад нас и дека напредокот сега ќе биде полесен.

По напорниот декември, исполнет со обврски и замор, празната страница изгледа утешно. Отворањето нов годишен фолдер дава краткотрајно чувство дека животот може повторно да се среди и дека контролата е вратена. Но токму тука лежи стапицата: емоционалниот подем од новиот почеток често го мешаме со долготрајна мотивација.

Истражувањата за мотивација покажуваат дека ентузијазмот трае кога целите ги задоволуваат три основни психолошки потреби: чувство дека сами сме ги избрале (автономија), дека можеме да напредуваме (компетентност) и дека не сме сами во процесот (поддршка). Многу јануарски цели не ги исполнуваат овие услови. Тие често се нејасни, наметнати од општествени очекувања или нереално амбициозни. Кога првичниот труд не носи брзи резултати, чувството на способност опаѓа – а со тоа и мотивацијата.

Затоа неуспехот не е прашање на карактер, туку на погрешно поставени цели. Целите што ги следиме затоа што „треба“ ретко траат, додека оние што ги чувствуваме како свои имаат поголема шанса да опстанат откако почетната возбуда ќе исчезне. Клучот за одржлива мотивација е планирање однапред за моментите кога енергијата ќе опадне. Наместо да замислуваме успех во идеални услови, подобро е да размислиме како изгледа напредокот во напорна, растргната недела. Ова подразбира неколку промени во пристапот.

Прво, потребно е да се прифати дека мотивацијата ќе ослабне и однапред да се дефинира што значи „да се продолжи“. Наместо целосна трансформација, доволно е да се одреди најмалиот значаен чекор што сепак носи напредок.

Второ, целите треба да се поврзат со лични вредности, а не само со надворешни очекувања. Кога можеме да пронајдеме сопствена причина зошто нешто ни е важно, мотивацијата станува поотпорна.

И трето, важно е да се намали напорот потребен за истрајност. Разложувањето на намерите во мали, конкретни и повторливи активности овозможува напредок дури и во денови со ниска енергија. Наместо апстрактни цели, помагаат јасни навики и конкретни „ако–тогаш“ чекори.

Желбата за нов почеток не е наивна — таа одразува длабока човечка потреба за обновување и надеж. Но празната страница сама по себе не менува однесување. Таа само ја отвора вратата. Она што навистина прави разлика е начинот на кој ги градиме целите откако новината ќе избледи. Вистинската вештина не е да поставиме цели кога мотивацијата е висока, туку да ги осмислиме така што ќе преживеат и кога таа ќе издише.

извор

8 јануари 2026 - 16:16