По традиција невидлив и анонимен, токму сега тој станува некаква мода. Авторот кој е веројатно назаслужен за овој пресврт е Јоргос Лантимос (со меко т), кого светската јавност го запозна кога во 2009. неговиот „Кинодонтас" (Песјак) прво ја освои наградата на канскиот Извесен поглед, а потоа беше номиниран за Оскар за странски филм. Деновиве тој беше присутен во Сплит, каде на фестивалот на медитерански филм го претстави новиот филм „Алпи" и даде интервју за Јутарњи лист. Еве делови од него кои се однесуваат на врската помеѓу актуелната ситуација во Грција и нејзината културна сцена. Некои од забелешките на Лантимос за културолошкиот код на Грците лесно може да ни се припише и нам. Ако не сте го гледале Кинодонтас, што да ви кажеме, обидете се.
Колку ви помогна односно одмогна сегашната ситуација во Грција со која се занимаваат медиумите?
Ни помогна во таа смисла што новинарите во мигот на кризата помислија: ако веќе толку се пишува за Грција, да видиме што се прави таму, и наидоа на нас. Но, подеднакво ни помогнаа и годините на богатство пред кризата. Во тоа време младите филмаџии имаа шанса да снимаат многу реклами, да имаат комерцијални зделки, да се запознаат подобро со техничарите, снимателите, да стекнат искуство. Што се однесува до кризата, неа не можеме да ја игорнираме, но лично не би ја тематизирал директно. Секако, работиме во Грција, живееме во Грција, но кризата во моите филмови повеќе се чувствува низ начинот на кој тие се работени - кога во екипата никој не е платен, одбираш локации кои ти се достапни, костими кои ги имаш.
Како реагира Грција на вашите филмови?
Па има тука завист, знаете каков е медитеранскиот менталитет. Интересно е како реагираат Грците во дијаспората. Кога почнавме да одиме по фестивали, салите често беа полни со грчки емигранти кои немаа видено грчки филм повеќе од 20 години. Реакциите понекогаш беа страшни. Нè плукаа, приговараа за тоа какви филмови снимаме, како ја прикажуваме Грција...
Дали тоа се смени откако бевте номинирани за Оскар?
Не битно. Навистина, нè пофали премиерот, но настојувавме да ја избегнеме селебрити културата, одбивавме покани за на ТВ и за сликање за списанија. За среќа „Алпи" го правевме пред номинацијата, па можевме да го работиме на раат, но и со помал буџет отколку „Песјак".
„Песјак" се занимава со родителите кои возрасните деца ги држат затворени во куќа и ги лажат за надворешниот свет. Во „Алпи" се занимавате со секта која ја контролира тиранин, а нејзините членови жвеат така што на деца на погинати родители им глумат татковци и мајки. Во обата филма преовладува темата на патронизирачки родители и на возрасни луѓе кои се несамостојни, под нечија закрила.
Да, затоа што тоа е карактеристично за Грците, а мислам и за Медитеранот. Децата живеат со родителите до триесетата година, а потоа често се селат во истата населба, па дури и на горниот спрат. Тоа е модел на семејство според кое потоа функционира и целото општество.
Ве споредуваат со Буњуел.
Тоа често ми го велат. Го сакам Буњуел, но пред да почнат да ми го спомнуваат не го сметав за близок. Моите идоли се Касаветес, Бресон, Годар и Вуди Ален. Но сум го гледал и навистина го сакам.
Каков е вашиот поглед на Грција денес, во екот на кризата?
Секако, тоа е нешто што сите ме прашуваат. Но ни попаметни луѓе од мене немаат рецепт за Грција, па и јас го немам. Само гледам дека на сиромашните им е полошо и полошо, а дека богатите се еднакво богати: скапите ресторани се полни. Десницата е во пораст, па има многу насилство кон имигрантите. На последните избори ултрадесницата доживеа успех над секоја социјална демагогија: имаат и посебни патроли кои наводно ги следат старците и стариците кога тие одат во банка по пензијата, за по пат да не ги опљачкаат имигрантите.