Горенаведената дилема не е од теоретска природа за дузина политичко-географски ентитети низ светов кои сакаат да бидат држави но прашање е дали тоа навистина се. Имаат тие влади, знамиња и химни но не се признати како суверени држави од меѓународната заедница.
Не треба баш сите топтан да ги жалите; најнов во тоа друштво е Калифатот на Исис, кој го признаваат само лудаците со џихадска дијагноза.
А дефиницијата за држава е едноставна и не е сменета од Конвенцијата во Монтевидеo од 1933 година: "Држава како субјект во меѓународното право треба да поседува а) постојана популација б) дефинирана територија в) власт и г) капацитет да има односи со други држави."
Последново се чини најпроблeматично. На пример, за Република Северен Кипар, веројатно најпознатиот случај на непризната држава. Тоест призната само од Турција, по отцепувањето од Кипар во 1983 година.
Да те признае само една држава не те прави суверена држава. А ако се 84? Толку се оние кои ја признаваат Арапската Демократска Држава Сахарави, која прогласи независност уште во 1976 по војната со Мароко. Две години подоцна ОН им го призна правото за самоопределување на луѓето од Западна Сахара, но тука работата застана. Денес Владата на Сахарави контролира само една четвртина од територијата на Западна Сахара и тоа го прави од егзил, сместена по бегалски кампови во Алжир.
Додека Западна Сахара е многу посиромашна од Мароко, обратен е случајот со Сомалиленд, далеку побогата од државата на која ѝ припаѓа, Сомалија. Прогласија независност во 1991 година, имаат своја администрација и полиција и нешто односи со комшиите како Џибути или менторите како САД, но во очите на меѓународната заедница, тие и натаму се дел од Сомалија, која е енциклопедиски пример за неуспешна држава.
Ниеден друг регион на светов не го познава овој проблем како Кавказот, на кој по распаѓањето на Советскиот Сојуз останаа замрзнати дузина конфликти и непроодени нации.
Ја памтите Северна Осетија? Тоа што Русите привремено го окупираа во 2008, кога влегоа во 5 дневна војна со Грузија. А Северна Осетија прогласи независност од Грузија уште во 1990 година, па имаше една година официјална војна а остатокот од времето неофицијална војна. По 2008, Северна Осетија ја признава само една чудна четворочлена групација држави составена од Русија, Никарагва, Венецуела и Науру.
Во слична ситуација е и Абхазија, на источниот брег на Црното Море која сака да е независна од Грузија од 92-ра и тоа со војна и тоа со војна во која победи. Џабе.
Но, секогаш има и бетер. Тоа го знаат следните две држави кои не ги признава ама баш никој. Едната е Придњестровската Молдавска Република која се вика и Транснистрија (имаат своја влада и валута) а другата Нагорно Карабах која од 92-ра сака башка од Азербејџан ама овие не даваат.
За дивно чудо, ние по ова прашања сме добри, иако упорно тераме како да сакаме да покажеме дека 'не сме ние за таа работа'.