(„Чик“, ноември 1968)
01:00 - Спијам. Во сонот ми се раѓа еден книжевен мотив. Го обработувам во сон, му ја извлекувам суштината, вртам, превртувам...
02:00 - Се будам. Заклучувам дека тој мотив е само делумно употреблив. Бара големи корекции или пак исчезнува и се расплинува како и секое друго доживување од сон. Тоа ми се случува често па и не се вознемирувам. Продолжувам да спијам како ништо да не се случило.
06:30 - Станувам и одам по весници, леб и други нешта. Муабетам со продавачите. Повеќето добро ме познаваат. Понекогаш се задржувам и подолго со нив.
07:30 - Ја викам чистачката на нашата зграда на чашка ракија. Тоа е една многу вредна и весела жена. Патемно им делам комплименти на жентие од нашата голема куќа кои брзаат на работа, на пазар итн. Имаме прекрасни другарки во куќата (од 8 до 35 години). Постари нема во последниве дваесет години.
08:00 - Ја будам мојата другарка да оди на работа. Таа се брани, клоца, пцуе, се завлекува под ќебето, а јас упорно ја уверувам: „Оди на работа, таа оплеменува!“.
„Ку*ац оплеменува!“ - се протега и станува да ме тепа, па така сосема се расонува.
08:30 - Почнувам со читање на весниците. Патем појадувам она што сум го подготвил. Половина од тоа ми го зема жена ми. Сепак не останувам гладен.
10:00 - Откако ги поминувам сите весници, ги оставам на страна и размислувам за најактуелните случувања во светот.
10:30 - Од сега па до 13 часот секогаш нешто пишувам. Сега тоа време често ми се слизнува, и самиот не знам како, во разговор со важни посетители: новинари, писатели, ученици.
13:00 - Некој ѕвони на врата. Отворам. Едно дете од соседството сака да му помогнам околу домашната. Темата е: „Бранко Ќопиќ во југословенската книжевност“. Не можам да одбијам толку слатко момче, но се согласувам само да му кажам неколку зборови за себе. Останатото му го препуштам нему и на неговото знаење.
15:00 - Ручам, и тоа кај бабата, а нејзе не ѝ е рамен ниту еден светски готвач. Инаку е пензиониран професор по хемија. Се подготвувам за некој ден на нејзината врата да закачам натпис: „Товилиште кај тетка Савка“.
15:30 - Ручекот е завршен. На ред се колачи. Немам зборови да го изразам своето задоволство и да ги пофалам прекрасните слатки.
15:45 - Никаде ме нема. Спијам со мртов сон, така што не би можела да ме разбуди ни почесна стрелба.
18:00 - Конечно успеав да се разбудам. Ми требаат уште неколку минути за расонување. Се протегнувам и одам да се мијам.
18:30 - Ѝ се јавувам на мајка ми. Иако одамна не сум дете, мајка ми си ја сакам и ја ценам повеќе од сè друго. Често посакувам да бидам со неа на само, да разговараме за моето детство, спомените, родниот крај.
19:00 - Закажувам вечери и состаноци со пријателите, роднините и познаниците. Кога сум со нив ми е најпријатно. Се чувствувам многу лежерно во тие мигови и посакувам времето да застане.
20:00 - Одам со мајка ми, тештата и другарката во театар, кино или на некој концерт. Ако за денес е закажана вечера, тогаш уште подобро. Често одам и на посети.
24:00 - Најчесто ова време си легнувам.
Ете како изгледа мојот стандарден работен ден, а постојат и безброј варијации. Многу патувам по светот, по различни книжевни вечери и приредби. Најубавите мигови сум ги поминал на брегот на Бајкалското езеро, во друштво на еден сибирски поет.