Долги години за антиоксидансите се веруваше дека се клучното оружје за одржување на младоста и здравјето. Во нив се гледаше како на најефикасното средство против тн слободни радикали кои – како што ние лаиците го замислуваме тоа – лутаат по организмот, прават зулуми по нашите кревки органи и ткива и ги тераат клетките да стареат.
Но, постојат експерименти кои покажуваат дека зголеменото присуство на извесни видови слободни радикали водат кон подолг живот и дека всушност помагаат во регенерацијата на клетките.
Трката по чудотворни витамини и антиоксиданси е една од најголемите мании на овој век иако повеќе од една деценија, релевантни тела како што е Бордот за исхрана на Американскиот медицински институт или Американската институција за срце порачуваат луѓето да не се потпираат на додатоци за исхрана туку на самата храна. Изрично, витаминот Ц, Е, селенот и бета каротенот треба да се внесуваат преку храна а не преку апчиња. Истиот борд порача дека не постојат никакви докази дека зголемени дози на витамини и суплементи помагаат во борба против хронични докази.
American Scientist во февруарскиот број објавува статија која наведува дека не само што не се ефикасни, ваквите додатоци можат да бидат и штетни по здравјето. Антиоксидансите навистина ги елиминираат слободните радикали но тоа не се одразува врз здравствената состојба. И Американската асоцијација за дијабетес се придружила кон апелот витаминските додатоци да не се користат освен во случаи на авитаминоза.