Актуелниот претседател на Турменистан, Гарбангули Бердимухамедов (од буква до буква така) реши на приемен на факултетите во земјата повеќе да не се тестира познавањето на Рухнама, грандиозното животно дело на првиот доживотен претседател на Турменистан, Сапармурат Нијазов.
Големо чудо, ќе речете некој неупатен во реалноста на Турменистан, земја со која заштитен од географската небитност а нафтена битност, Сапармурат владееше на еден урнебесно уникатен начин, без притоа да има над глава монитори од Запад и други секирации.
А Рухнама е битна, да побитна нема. Тоа е магнум опусот на Нијазов, една волуминозна книжурда со негови наклапања на теми од историјата, универзумот и пошироко. Технички, 800 страници, поделени во два волумена. Содржински, амалгам од Куран, комунистички брошури, туркменистанска псевдо историја и бисери од неповторливата автобиографија.
Пoчнува амбициозно, со намера да се осветлат историските корени на Туркмените, да се објаснат легендите, да се утврдат епохите, но, во вториот дел авторот малку се уморува па нафрла кратки и згодни упатства кои треба да бидат водилки во секојдневието. Од типот: "Не биди ѓубре, биди човек!", "Читај, учи, знај!" или "Туркмен не штеди живот во битки ниту пак имот на свадби".
Рухнама беше првпат печатена во 2001-ва година. Нијазов прво побара копија од неа да имаат сите училишта и библиотеки. Потоа му текна да им нареди на џамиите да ѝ дадат ист третман како Куранот. Потоа ја замени алгебрата и физиката со знаења од Рухнама која стана задолжителна и во полагање за возачка дозвола. За упис на факултети или државни места да не зборуваме. Во 2005-та, успеаа копија од Рухнама да испратат и во вселената така што и тоаа публика е подмирена. Нешто пред смртта во 2006-та Туркменбаши тврдеше дека читање Рухнама три пати дневно гарантира место во рајот.
Непочитувањето на Рухнама беше кривично дело а денот на нејзиното објавување стана национален празник. Огромна статуа од неа има во главниот град Ашкабат. Џиновската книга е на електричен погон и секој ден во осум навечер шиба цитати од себе. Од таа статуа веројатно поинтересна е само онаа златната на Сапармурат лично, која везден се врти кон сонцето. А го има и како (златно) дете, качен на планета натакната на рогови од бик.
Што друго да се каже за стилот на владеење на овој уникатен лик? Ги смени имињата на месеците со имиња на луѓе од своја фамилија. забрани балет, опера, брада и златни заби, забрани пеење на плејбек, шминка за тв водители, ги протера кучињата од Ашгабат заради непријатниот мирис, а откако лекарите го советуваа да не пуши, тој со закон го осветуваше народот да престане да пуши веднаш. А во меѓувреме, формираше и "Министерство за да биде фер".
Ете, таков човек и таква книга реши Бердимухамедов да укинува! Додуша, тој и натаму ја препорачува на граѓаните ама зошто да ја вади од тестови за приемен? Можно е да сака да ја еманципира земјата и да ја ослободи од духот на Сапармурат, а уште поверојатно е дека само си прави место за своето парче место во историјата на Туркменистан.