Нешто како Букбокс читанка

„Синхроницитети“, или која е твојата приказна?

Кога на астал ќе седнат три „н'рда“ за читање и пишување, брзопотезно ќе го џапнат греаното вино и кашкавалчињата (со урми и ореви) и едната од нив ќе праша - „А што е ова на полицата?“, тогаш може да се случи необичен синхроницитет. Во паралелниот свет на таканаречената фикција таа (фикцијата) да добие породилни болки и од неа да почнат да излегуваат мали „фиктивчиња“, до тогаш делумно формирани во потсвеста, кои едвај чекале да се родат. Мезето всушност било за нив.

Одамна имав слушнато за „Синхроницитети: чувари на приказната“ на визуелниот уметник Марко Трпески. Но описите за неа беа некако „суви“ и неодредени - „артикулација на потсвесни текови“, „натпревар со самиот себе“ - доволно за да заличи на некаква тренди алатка за самопомош и со тоа постојано да се наоѓа на опашката на приоритетите. До моментот кога окото, во последно време навикнато не да шета по туѓите полици скенирајќи ги книгите, туку проверувајќи дали домаќинот има друштвени игри и кои - не забележа шарена кутија некаде во висините.

- „А, тоа е играта на Марко. Сакате да ја играме?“. 

Случајност? Синхроницитет?

Набргу стана јасно зошто описите на играта се такви какви што се - правилата се едноставни, но не се ни правила. Ова е игра, ама не е ни игра. Се игра со други, ама истворемено и сам по сам. Текстот кој играчите го пишуваат се формира низ суптилно содејство на просторот, музиката од транзисторот, жолтилото на светилката, мирисот на греаното вино, но и на наталожените архетипски претстави и човечки искуства, кои не се секогаш наши, но исто како да се. 

За и овој осврт да не испадне не-осврт, да поедноставиме. Во кутијата за „Синхроницитети“ има неколку видови прекрасно изработни карти. Според упатството, можни се 135.000 нивни комбинации. Шпилот „Синхроницитети“ го означува потенцијалниот лик во приказната (или инспирацијата за него). Вториот е со архетипски предмети, кои можат да се сфатат буквално но и метафорично (на пример лупа, огледало со пајажина, шешир). Третиот е „Предизвици“, кој го одредува стилот или задачата, на пример пишување исклучиво во дијалог или со тоа секоја реченица да почнува на одредена буква. На крај, има коцки, чие вртење го одредува бројот на зборови (за пократки дела можат да се користат помал број коцки). Може да се пишува проза, поезија или хибриден текст, со тоа што најдобро функционира ако сите пишуваат во ист жанр, за предизвикот да е изедначен.

Како илустрација на ова еве два примера:

Пример 1 (поезија, 26 збора)
Предизвикот е: „Напишете разговор меѓу два лика каде што секој зборува во метафори. Метафорите треба да формираат кохерентен дијалог за едноставна тема.“

Резултатот:

ЕВН

- Твојот метален стап е долг и тврд.
- Рацете ти се разиграни пипала.
- Ти се качувам, осеќаш?
- Чудно ми мирисаш.
- Горам од желба.
- Не, бе, дојде струјата.

Пример 2 (проза, требаше 38 збора ама рековме „не е страшно и повеќе“)
Предизвикот е „Напишете текст што може да се толкува како претстава, така што ќе вклучува сценски насоки и дијалог“.

Резултатот:
„ХАМЛЕТ“ ВО ЕДНА СЦЕНА

Салата станува планетариум.
Ѕвезди и грејпфрут месечина.
Постепено звук на дрончиња, формираат јато околу мајката, во куполата над гледалиштето.
Таа е голема и железна, со круна во форма на астролаб на главата. 
- Вре-ме-то ис-те-че! - се слуша роботскиот глас на кралицата.
Дроновите ги отвораат своите мешини. Врз публиката паѓаат бомби.
Хаос и повици за помош.
Потоа штама.
Месечината се претвора во черепот на Јорик.

Честитки на Марко за идејата и изведбата. Играта може да се најде во книжарниците низ градов, но со сигурност знаеме дека ја има во „Метаноја“ (на ул. Максим Горки). Уживајте во неа!

Илина, Букбокс

26 ноември 2025 - 11:11