Браќа близнаци со ист живот
Приказните за речиси идентичниот живот на идентичните близнаци често пати се зачудувачки, но веројатно ниту една не е почудна од онаа за браќата од Охајо. Веднаш по раѓањето, момчињата близнаци биле разделени и посвоени од различни семејства. Не познавајќи се меѓусебно, и двете семејства им дале исто име, Џејмс. Од тука почнуваат коинциденциите. Пораснале незнаејќи еден за друг, но и двајцата оделе на обука за специјалци, покажувале способности за механичко цртање и дрводелство и двајцата се ожениле за жени со име Линда. И двајцата имале синови, на кои им го дале истото име - Џејмс Ален. По извесно време и двајцата се развеле и се прежениле со жени, и двете се викале Бети. И двајцата имале куче, кое го нарекле Тој. 40 години по разделбата, се сретнале и дознале за неверојатните сличности во нивните животи.
Куршумот кој ја стигна целта неколку години подоцна
Хенри Зигланд мислел дека ја надитрил судбината. Во 1883-та година, ја прекинал врската со својата девојка, која поради преголема болка, се самоубила. Братот на девојката бил толку гневен, што го пронашол Зигланд и го застрелал со пиштол. Верувајќи дека го убил, го свртел пиштолот и се самоубил. Но, Зигланд не бил мртов. Всушност, куршумот само му го изгребал лицето а потоа се забил во блиското дрво. Поради тоа, тој се сметал себеси за многу среќен човек. Неколку години подоцна, Зигланд одлучил да го исече големото дрво, во кое сè уште стоел куршумот. Не можејќи да се справи со големината на дрвото, одлучил да го разнесе со динамит. Од експлозијата, куршумот излетал од дрвото и ја погодил главата на Зигланд, по што тој починал.
Исто како книгата на Едгар Алан По
Во XIX век, познатиот писател Едгар Алан По ја напишал книгата “Приказната за Артур Гордин Пим”. Во неа се зборувало за четворица преживеани од еден бродолом, кои неколку денови заедно пловеле во чамец а потоа одлучиле да го убијат и изедат момчето од кабината, Ричард Паркер. Неколку години подоцна, во 1884-та година, потонала едрилицата Мињонет. Преживеале само четворица, кои со чамец пловеле неколку денови. По извесно време, тројцата постари членови на екипажот, го убиле и изеле момчето од кабината. Убиеното момче се викало Ричард Паркер.
Марк Твен и Халеевата комета
Марк Твен е роден на истиот ден кога се појавила Халеевата комета во 1835-та година а умрел дента на нејзиното следно појавување во 1910-та. Тој самиот си ја предвидел смртта во 1909, велејќи: “Дојдов на светот заедно со Халеевата комета. Таа повторно ќе се појави следната година и очекувам да си заминам заедно со неа”.
Браќа близнаци, убиени на истиот пат, во рок од 2 часа
Во 2002-ра година, 70-годишните браќа близнаци, погинале во две посебни сообраќајни несреќи, на истиот пат во северна Финска. Првиот од нив починал откако возејќи велосипед на него налетал камион во Раахе, 600 километри северно од Хелсинки. Несреќата се случила на само 1,5 километри од местото каде што загинал неговиот брат. “Ова е историска коинциденција. Иако оваа улица е прометна, овде несреќи не се случуваат секој ден. Се наежив кога дознав дека се браќа и тоа идентични близнаци. Веројатно некој од горе одлучил тоа да биде така”, изјавил локален полицаец.
Три обиди за самоубиство, сите спречени од ист монах
Џозеф Аигнер бил познат австриски сликар на портрети во XIX век, кој бил прилично несреќен човек: неколку пати се обидел да се самоубие. Првиот пат имал 18 години и пробал да се обеси, но го спречил мистериозниот монах од редот Капучини. На 22 години повторно сакал да се обеси, но и овој пат бил спасен од истиот монах. Осум години подоцна, бил осуден на смрт со бесење поради неговите политички активности. И повторно, животот му го спасил истиот монах. На 68 години од својот живот, Аигер конечно извршил успешно самоубиство со пиштол. Неговата погребна церемонија ја водел истиот монах, чие име Аигер никогаш не го дознал.
Покер добивка, за незнајниот син
Во 1858-ма година, Роберт Фалон бил застрелан во знак на одмазда од луѓето со кои играл покер. Тие тврделе дека Фалон мамејќи добил 600 долари. Бидејќи никој не сакал да седне на баксузното празно столче на Фалон, покерашите нашле нов играч на кој му ги дале 600-те долари од Фалон како влог. Пред да пристигне полицијата, новиот играч го претворил првичниот влог, во добивка од 2.200 долари. Од полицијата побарале 600-те долари на починатиот Фалон да му бидат дадени на неговиот најблизок наследник, по што откриле дека новиот играч всушност му бил син на Фалон, кој не го видел својот татко 7 години.
Роман кој неочекувано го опишува шпионот од соседството
Кога Норман Мејлер почнал да го пишува романот “Варварски брег”, не планирал во приказната да има и руски шпион. Пишувајќи, неочекувано создал спореден лик на шпион од Русија во Америка. Како што романот напредувал, така и шпионот станувал сe подоминантен карактер. Откако ја завршил книгата, американската агенција за имигранти уапсила еден маж, кој живеел во истата зграда на Мејлер, еден кат подолу. Станувало збор за полковникот Рудолф Абел, врвен руски шпион кој во тоа време работел во САД.
Тројца странци во воз, со комплементарни презимиња
Во 1920-та година, тројца Англичани патувале одвоено со воз низ Перу. Во моментот кога се запознале, тие биле единствените три патника во возилото. На нивно огромно изненадување, сфатиле дека едниот се презива Бингам, другиот Пауел додека третиот имал презиме Бингам-Пауел. Не биле во никаква роднинска врска.
Во рок од една година, двајца браќа биле убиени од истиот таксист
Во 1975-та година, додека возел мотор на Бермудите еден маж ненадејно бил удрен од такси возило, по што починал. Една година подоцна, братот на погинатиот бил убиен на истиот начин. Всушност, го возел истиот мотор. За да биде коинциденцијата уште поголема, го удрило истото такси возило со кое управувал истиот таксист – превезувајќи го истиот патник од минатиот пат!