Деновиве веб-страната Real Clear Science ја објави политичката склоност на сите свои дописници. Резултатите не се базираат на директно интервју на дописниците, туку врз резултатите од политички квиз.
"Она што е интересно околу објавата не е каква е нивната склоност. Интересно е што уредниците чувствувале потреба да најдат креативен одговор на растечката перцепција дека вестите и анализите постојано се пристрасни. Јавната доверба кон медиумите е во слободен пад. Стигнавме до точка кога ретко кој очекува непристрасно известување," објаснува Картер.
По статистиките што ги има Картер, Галуп покажува дека процентот на публика која има голема или многу доверба во весниците и тв вестите е паднат на рекордно ниско ниво. Истражување на Расмусен од мај годинава покажа дека 61% од испитаниците не верувале во политичките репортажи, а само 23% очекуваат непристрасно известување од претседателските избори во 2016-та.
Дополнување на овие бројки е и студија од Њузеум Институтот (од 2015-та) која во основа покажува дека публиката не само што не смета дека вестите се објективни, туку и дека пристрасноста на новинарите е намерна. Кај младите овој став е најистакнат, во истражувањето само 7% од публиката на возраст од 18 до 29 години се согласува дека медиумите се обидуваат непристрасно да известуваат.
Пристрасноста тој делумно ја објаснува како пазарен феномен, и дека консумирањето на вести (гледањето тв вести, купувањето весници) ги одразува политичките преференции на потрошувачот. Тој споменува и една студија на Универзитетот од Тексас, која покажала дека и кога се бесплатни вестите (дел од експериментот вклучувал седење во чекална и избор од најразлични весници), испитаниците редовно ги бирале оние материјали кои одговарале на нивните уверувања.
Истата истражувачка која го спроведе експериментот во Тексас ја тестираше и склоноста во социјалните медиуми давајќи им на испитаниците да читаат он-лајн коментари за вести, на кои наместо 'like' можеа да го стиснат 'respect' копчето. За нив беа издвоени статии кои е многу веројатно да побудат одредени идеолошки пасии. Потоа од нив било побарано да ги прочитаат коментарите на статијата, кои биле уредени за подеднакво да се застапени и левичарски и десничарски мислења. Една-третина од испитаниците имале опција да кликнат 'like,' а една третина опција да кликнат 'respect.' Резултатот е дека присуството на копчето 'respect' значително го зголемило бројот на кликови кај коментарите од спротивната идеологија.
"Како и да е, копчето 'respect' наведува на можноста дека читателот може да најде одредена доблест во спротивставениот аргумент без да изразува согласување со него, и дозволува читателот да ја сигнализира оваа нијансирана позиција. Со еден клик, ние им дозволуваме на останатите да знаат дека има аргументи кои се интригантни и кои вредат да се проследат дури и ако на крај тие не успеат да не убедат. Во демократија тоа не е лош сигнал," пишува Картер.