
Новата апликација за пораки Макс на државната технолошка компанија ВК беше промовирана во јуни. За два месеца ја инсталирале 18 милиони корисници. Од септември ќе биде вградена на сите нови мобилни уреди - и на телефони и на таблети.
Независни новинари и аналитичари ја опишуваат Макс како руска верзија на кинеската платформа WeChat, која на властите во Пекинг им овозможи да ја засили контролата на сите онлајн комуникации и активности на граѓаните.
Во „ситните букви“ за согласност за користење на Макс е наведено дека апликацијата собира чувствителни информации, како IP адреса и активностите на корисникот, и го задржува правото тие да бидат споделени со трети страни и владини агенции.
Во исто време продолжува и кампањата против користење на најпопуларните западни социјални платформи. Регулаторното тело Роскомнадзор потврди дека ќе ги ограничи гласовните и видео повици на апликациите WhatsApp и Telegram „за да спречи криминални активности“. Антон Горелкин, потпретседател на Комитетот за информатичка технологија на Думата, веќе порача дека WhatsApp треба да се подготви да замине од рускиот пазар.
Од технолошки аспект, Макс е речиси идентичен на платформата за пораки Телеграм на рускиот технолошки тајкун Павел Дуров, кој од неодамна е во немилост на властите во Москва. Корисниците на Макс ќе можат да разменуваат пишани, гласовни и видео пораки и да се организираат во групи. Апликацијата овозможува само позитивни реакции на пораки – емотикони на срце, кренат палец или аплауз.
Сите државни медуими веќе отворија свои канали на Макс, а на платформата се префрлија и истакнатите провладини пропагандисти. На функционерите и политичари им е наредено да мигрираат од Телеграм на Макс, за да се добие новата апликација статус на официјален канал за информирање. Новинарите се известени дека ќе ги добиваат државните соопштенија исклучиво на Макс.
За популаризација се ангажирани и инфлуенсерите, како пејачката Инстасамка, која има 5,4 милиони следбеници во Русија. На фестивал организиран од ВК во јули корисниците на Макс можеле да влезат преку ред.
Но дури и провладини блогери ја критикуваат одлуката за формирање „државна платформа за комуникации“.
Не е возможно да се изгради дигитален суверенитет преку создавање „правилен“ месинџер за секоја прилика. Во нормален екосистем корисниците треба да имаат право да изберат различни производи со специфични намени, објави највлијателниот провладин и воен блогер Rybar.
Ова не е прв пат Русија да се обиде да основа национален систем за комуникации. TamTam на ВК, Yandex.Messenger на Јандекс и Dialogue на Сбербанк не привлекоа широка база на корисници.
Саркис Дарбињан, основач на невладината организација за заштита на дигиталните права Роскомсвобода, смета дека Макс ќе има „одреден успех“ во споредба со претходните платформи поради паралелните напори за задушување на конкурентите.
Макс веројатно ќе ги исполни сите потреби на владата за снимање на преписката и телефонските повици за да може да ги достави до владините агенции кога ќе ги побараат. Можно е државата, по кинескиот сценарио, да посака да го користи и како алатка за социјално оценување на граѓаните, изјави Дарбињан.