Секое сабајле, откако алармот ќе ја разбуди во 5:40 часот, 91 годишната Чеико Ито ја отвора задната врата од своето станче кое ја затвора пред секое легнување. На соседите им е јасен овој нејзин ритуал:
„Ако вратата не е отворена, значи сум умрела“, им рекла Ито на комшиите од зградата во која живее речиси 60 години.
Тоа му се има случено на еден нејзин сосед чиј скелет го откриле цели три години откако човекот починал дома, без неговото отсуство да го забележи некој од зградата. Сметките автоматски му се одземале од трајниот налог и дури кога парите се исцрпиле, некому му текнало на него. Семејство, пријатели, ништо од тоа немал.
А огромната зградурина во која живее баба Ико е една од 171 идентични бели зданија во местото Токивадаира, во кои живеат стари и ислужени Јапонци и Јапонки. Таа и нејзиниот сопруг со огромен елан се вселиле во таа зграда во 60-тите години на минатиот век, кога сите им се чинеле млади како и тие.
И потоа фатиле да работат...
Ќерка ѝ починала млада, на 29 годишна возраст, сопругот починал во далечната 1992 година, има и поќерка која е жива но таа ѝ се јавува телефонски еднаш годишно, на неколку минути, да ѝ го честита Денот на мајките. И толку од луѓето - баба Ико денес отвора врати насабајле како сигнал дека купила уште еден ден на земјава.
Она што ѝ се случува на најбрзо старечката нација на светот е резултат на нејзиниот поствоен полет и децениите кои следеа во кои Јапонците трудбенички се фокусираа на економскиот подем на своите компании и на својата татковина. А таквата фасцинантна работна етика, желбата да се имитира американскиот начин на живот и воопшто ритамот на капитализмот, во меѓувреме ги разори семејствата и традиционалните локални заедници па остарените припадници на нацијата сега се оставени да венеат и умираат сами.
Нивната осаменост и изолираност е толкава што често е потребно да замириса лошо од некое станче за да се сфати дека човекот изгледа отишол.
4.000 луѓе неделно умираат така, пишуваат јапонските медиуми.
„Начинот на кој умираме е огледало на начинот на кој живеевме“, сумира 83 годишниот Такуми Наказава, кој е претседател на куќниот совет кај баба Ико цели 32 години, бидејќи нема кој да го смени.
Ико некогаш:
Ико денес:
* Целата приказна ја има Њујорк Тајмс