Денес објавивме линк до сајт што се вика „Морална машина“, која ве става во ситуација на возач на автомобил кој треба да донесе брза и неотповиклива одлука со смртни последици во 13 сообраќајни ситуации. Го направивме тестот, го направија и нашите домашни, и резултатите многумина од нас нè изненадија - тоа што некој којшто во принцип не е нешто по животните систематски им го поштедувал животот на четвороножните „учесници во сообраќајот“, или друг којшто одлуките ги носел во однос на тоа дали луѓето минуваат на зелено или на црвено светло (убивајќи ги во континуитет вторите, затоа што „самите си се криви“).
Сепак, колку и да беа неочекувани, ваквите резултати не беа ни од далеку толку интересни колку коментарите под фејсбук постот за статијата, во кои главна тема е - дали е можно НАВИСТИНА кочниците така лесно да откажуваат на каков и да е автомобил, дали автопилот може НАВИСТИНА да вози толку брзо за да не може да закочи пред пречката, како е можно да нема осигурач кој ќе го запре возилото итн. Не може ние толку морално да се ангажираме (макар и на експериментално мисловно ниво), колку што може некој да ја утне темата и да ни ја уништи поентата.
И сето ова нè потсети на една книга и реакциите во врска со неа: „Проблемот со трамвајот или дали би го фрлиле дебелиот од мостот?“ од Томас Кеткарт, излезена 2013. Таа почнува со краток историјат на еден мисловен експеримент многу сличен на симулацијата којашто ја објавивме, со таа разлика што во него наместо автомобил (со или без „осигурач“) главна улога има трамвај, заради што експериментот е наречен „трамвајскиот проблем“, а целата дискусија поврзана со него „трамвајологија“ (trolleyology).
Создаден од британскиот филозоф Филипа Фут во 1967, проблемот е краток и едноставен: возач на „полуден“ трамвај чии кочници откажале гледа пред себе петмина на главната трамвајска лента, а само еден човек на друга, по која може да скршне ако сака да ги одбегне првите петмина. Тој треба да ја донесе одлуката, врз основа на негова проценка дали убиството на еден човек сепак е оправдано со оглед на спасените пет. Овој оригинален проблем во текот на годините е надградуван, па така во некои следни верзии една од одлуките која треба вие да ја донесете е дали за спасување на пет животи на една единствена шина на неа би фрлиле некаква пречка која би можела да го сопре во форма на - дебел човек кој се нашол во близина.
Психолози, филозофи, невролози, сите имаат свое објаснување за можните потези, а тие се толку поделени и детални во нивните рационализации што според еден коментар „трамвајологијата така прави Талмудот да изгледа како лектира за трето“. Направени се неколку сајтови со тестови на оваа тема, а освен спомнатиот постои и еден изработен од Универзитетот во Харвард, кој се вика „Тест на моралното чувство“
Но книгата не застанува само на опис на досегашните стојалишта во врска со проблемот, туку дава и свој придонес и тоа на многу интересен начин - во поглавје кое за момент помислувате дека е реално, е цитирана новинска статија во која извесна Дафне Џонс е уапсена и треба да биде изведена пред суд затоа што самата, иако обичен минувач, одлучила да ја притисне трамвајската „свртница“, и така да убие еден наместо петмина колку што инаку би покосил трамвајот, доколку тој продолжел да се движи по утврдената патека. Како да е вистинско досие за реакциите на ова судење, во книгата има поглавје за ставовите на секој од инволвираните институции и поединци во случајот: на пример гледиштето на обвинителот, на адвокатот, на психологот-проценител, на свештеник, на судијата и конечно на поротата. Секако има и заклучок кој практично ве враќа на почетокот - дека ова се само можни, но не и нужни сценарија за донесување комплексни морални одлуки, кои често се носат „од стомак“, без многу рационализации.
И сега доаѓа она со осигурачот - после децении кршење копја околу ова прашање во и вон академската заедница, еден познат филозоф запрашан за став по истиот мисловен експеримент изјавил - „Не сум ви јас нешто по трамваите“. Така, јазот помеѓу оние кои се бават со етика затоа што таа треба да биде применлива и оние кои ја сметаат за апстрактна дисциплина рамна на броење ѕвезди се зголемува до степен на неразбирачка. Можеби екстремно, но логично прашање така може да стане и - дали навистина во гасните комори за убивање на Евреите е користен Циклон Б или некој друг бренд гас? И притоа да се мисли дека одговорот сигурно ќе направи голема морална разлика.