Џон Вилијамс, композиторот на „Војни на ѕвездите“, на 93 дебитира со пијано концерт

Славниот Вилијамс, познат по музиката за некои од најпознатите филмови на нашето време, годинава по првпат напиша концерт за пијано. Изјавил дека на „овие години“ не се знае уште колку ќе може да работи и дека време е да се остварат некои младешки желби. Браво за него. 

фото: Epa Images

Џон Вилијамс има речиси 70-годишна кариера во Холивуд. Но дури сега, на 93-годишна возраст, овој петкратен добитник на Оскар создаде дело насловено Концерт за пијано и оркестар. Toa беше премиерно изведено на 26 јули во Тенглвуд, летната резиденција на Симфонискиот оркестар на Бостон во Масачусетс.

Концертот го изведе пијанистот Емануел Акс, за кого и беше напишано делото, а со оркестарот диригираше Андрис Нелсонс. Вилијамс и Акс се запознале уште во 1994 година, а пијанистот дознал дека Вилијамс размислува да напише концерт за пијано преку напис во Њујорк тајмс од 2022 година, по што му испратил писмо со желба да биде дел од проектот. Вилијамс веднаш се согласил, и во текот на компонирањето се среќавал со Акс за да го усоврши делото кое трае околу 20 минути.

Акс изјавил дека кога првпат ја видел партитурата бил воодушевен и трогнат од соработката со Вилијамс, кого го опишал не само како генијален, туку и како невообичаено великодушен. Композицијата се состои од три става и содржи суптилни омажи на џез-пијанисти како Арт Тејтум, Бил Еванс и Оскар Питерсон – музичари кои силно влијаеле на Вилијамс во младоста. Иако неговата прва сериозна композиција била соната за пијано напишана на 18 години, тој никогаш не напишал концерт за пијано – сметал дека задачата е премногу тешка, имајќи ја предвид богатата историја на музика за клавијатури.

Но, писмото од Акс и размислувањата што ги носи староста го поттикнале да се фати за предизвикот. Во едно интервју во 2024 година, Вилијамс (тогаш на 92) изјавил дека на „овие години“ човек не знае колку енергија ќе има понатаму, и дека треба да живее во сегашноста уживајќи во создавањето музика, бидејќи – како што рекол – човечкото искуство би било бесмислено без неа.

Ова не е неговиот прв концерт како форма – претходно напишал концерти за флејта (1969), туба (1985), кларинет (1991), виолончело (1994), труба (1996), хорна (2003), виола (2009) и обоа (2011).

Сепак, Вилијамс е најпознат по својата филмска музика. Освен што ги има компонирано темите за Војни на ѕвездите, Индијана Џонс, Хари Потер, Ајкула и Паркот Јура, тој стои и зад музиката на Шиндлерова листа, И-ти, Спасувањето на Рајан и Блиски средби од трет вид.

Во 2026 година, новиот концерт повторно ќе биде изведен од страна на Њујоршката филхармонија и Бостонскиот симфониски оркестар.

6 август 2025 - 10:03