Бакрачески како Ким Кардашијан

Колку евра вреди 'ексклузивна' фотографија од телото на охридскиот градоначалник? По есапот на оние кои се грижат за неговиот ПР, околу 50 евра комад. Кој тоа сака да заработи од разголеното торзо на Бакрачески?

Нерегулираниот авторски скок од карпата наречена бетон:
Нерегулираниот авторски скок од карпата наречена бетон:


Накратко, приказната е ваква: Еден охридски портал објавува урнебесно глупава сторија за тоа како градоначалникот скокал од карпа (башка, од фотките се гледа дека не e карпа туку бетонски ѕид). Глупава. И по концепт и по изработка. Оригиналната статија беше опремена со видео и неверојатни 18 фотографии од овој историски скок, со сите фази од скокот:

- храброто напуштање на карпата што е бетон од страна на Бакрачески што е градоначалник.
- заземање на позата "ласта"; тој дел трае ли трае, небаре гравитацијата е привремено укината со декрет од општината.
- згрченост на телото што ќе се покаже само како привремена состојба на духот.
- повторното исправање на субјектот и триумфалниот момент кога Бакрачески лице в лице ќе се соочи со водената стихија наречена море.

Како таква, ние на статијата ѝ наоѓаме соодветно место на нашиот сајт, онаму на дното, и ја пренесуваме прописно во целост, со наведување нa изворoт и топтан сите фотографии кои и онака авторот ги беше обележал со својот медиумски бренд (подоцна во оригиналната статија ги кратат фотките, ваљда сфаќајќи дека ја претерале со своето страхопочитување кон својот ексклузивец).

И тоа ќе беше тоа да не беше оној менталитет по кој, како што викаат стари oхриѓани, чиме се паметан стиди, будала покушава да заработи.

Субјектот во првите неколку часови од позата ласта:
Субјектот во првите неколку часови од позата ласта:

Па така управата на порталот ни праќа една подебела фасцикла со фактура од 64.000 денари и куп скриншотови од статијата за човекот кој очигледно го сметаат за своја лична Ким Кардашиjан.

Принтале душите фотка по фотка што во крајна линија испаѓа многу згодно бидејќи ако брзо ја листаш фасциклата, може да се види како Бакрачески стварно рипа во море, кaко на цртан филм.

18 фотки = 64.000 денари; една фотка им испаѓа по 3,555 денари.

Па и да е Коце, многу е.

Не сме сигурни кој сè стои зад едно вакво будалесто барање. Не веруваме дека е Бакрачески јер просто не ни се верува дека може да биде толку глуп. Веруваме дека некој само сака да го злоупотреби неговото згодно градоначалничко тело и дебело да заработи на него. А тоа не е убаво.

Фасциклата е вратена до испраќачот. Го молиме да ја проба онаа финта со брзото листање.

Стварно ко да скока, нели?

Трендо

п.с. Можеби непотребно толкав простор одвоивме за фотографиите. Mожеби фактурата се однесува на нивната интелектуална сопственост преточена во текст, да речеме во следниов цитат:

"Охридскиот Градоначалник е често присутен во медиумите со своите спортски активности, од играње фудбал, кошарка, ракомет, а сега имаме прилика да го видиме и како прави акробации во воздух и вода и тоа во шорц за на плажа".

Како да знаеме дека е ова навистина Бакрачески а не каскадер?

1 септември 2015 - 15:05