- Украинските сили со ракети од системот Химарс и дронови ја погодиле главната пумпна станица од нафтоводот Дружба со кој Русија им доставува нафта на Унгарија и на Словачка. Поради штетата, испораката ќе биде запрена најмалку пет дена.
- Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто реагираше дека ова бил трет украински напад врз пумпата Унеча во регионот Бријанск, што го протолкува како „уште еден обид да бидеме вовлечени во војна“.
- Една половина од увозот на нафта Унгарија го добива преку Дружба. Будимпешта и Братислава настојуваат да бидеат изземени од санкциите од ЕУ за Москва, кои опфаќаат целосно откажување од увоз на руска нафта до 2027 година.
- „Унгарија ја поддржува Украина со струја и бензин, а тие за возврат го бомбардираат нафтоводот од кој се снабдуваме. Многу непријателски потег! Му посакуваме на претседателот Трамп успех во неговата мисија за мир“, порача премиерот Виктор Орбан.
- Кривичниот суд им одреди по 30 дена притвор на поранешниот директор на Царинска управа Стефан Богоев и на тројцата други осомничени за злоупотреба при јавна набавка за чистење на граничните премини и за поткуп од 1.800 евра.
- Богоев вчера беше изведен пред судија во Основниот кривичен суд во Скопје.
- Обвинителство соопшти дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист од 18.479.692 денари.
- „Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, а второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката“, објави Обвинителството.
- Претставничкиот дом на САД вчера првпат успеа да изгласа резолуција што го блокира претседателот Трамп да ја продолжи војната против Иран без одобрување од Конгресот.
- Резолуцијата беше усвоена со 215-208 гласа, откако на демократите им се придружија четворица републикански конгресмени.
- За да стане обврзувачка, резолуцијата мора да биде одобрена и од Сенатот.
- Резолуцијата за воени овластувања од 1973 година наведува дека претседателот мора во рок од 60 дена да ги отстрани американските сили од какви било војни без овластување од Конгресот. Претседателот може да го продолжи тој рок за уште 30 дена за да овозможи безбедно повлекување на трупите.
- Војната против Иран почна на 28 февруари, пред 96 дена, но Белата куќа тврди дека на сила е примирје од 8 април.