Грок го наговорил Трамп да оди во војна

Доналд Трамп со часови го испрашувал Грок - четботот со вештачка интелигенција на Илон Маск - за тоа дали Венецуелците би славеле доколку им го уапси лидерот Николас Мадуро. Неколку недели подоцна, ја нареди операцијата со која беше грабнат диктаторот од палатата во Каракас. Тоа го охрабри два месеци подоцна да му објави војна и на Иран.

Оваа неверојатна приказна од извор близок до Трамп за магазинот Time нуди фасцинантен увид во опсесијата на претседателот со вештачката интелигенција – која ја преименува во „суперинтелигенција“.

На средбата со Илон Маск во Овалната соба во декември, Трамп со часови му поставувал прашања на чет-ботот Грок за својот мандат и за наследството што би го оставил како претседател. Во тоа време, американската војска спроведуваше крајно контроверзни напади врз венецуелски бродови за кои администрацијата на Трамп тврдеше дека шверцуваат дрога во Америка.

Кога претседателот го прашал Грок како Венецуелците би можеле да реагираат на апсењето на Мадуро, чет-ботот одговорил дека „Мадуро е репресивен диктатор кој ужива многу мала популарност“ и дека „многу Венецуелци веројатно би го прославиле неговиот пад“, пишува Time.

Набрзо потоа, на 3 јануари, претседателот ја нареди воената мисија за грабнување на Мадуро, што поттикна славења на улиците. Трамп останал со впечаток дека Грок е генијален.

Како да не знаел дека чет-ботовите со ВИ не се способни за размислување или расудување, туку одговорите на прашањата ги составуваат врз основа на материјалот со кој биле нахранети при обуката. Притоа алгоритмите им налагаат да бидат што е можно поафирмативни кон корисниците за да стекнат поголема доверба. Сепак, ефикасната операција во Венецуела го охрабри да тргне во војна со Иран, верувајќи дека таа ќе резултира со сличен, брз успех.

Реалната ситуација се покажа значително покомплицирана отколку што предвиде Грок. Мадуро е во американски притвор и се соочува со обвиненија за трговија со дрога, но граѓаните на Венецуела сè уште немаат добиено можност за слободни и фер избори додека Американците им ја преземаат нафтата. Војната во Иран вчера влезе во својот осми месец и не ѝ се гледа крајот. Напротив, Трамп најавува пожестоки воени удари кога ќе поминат изборите за Конгресот на САД.

Трамп со време стана опсесивен корисник и промотор за вештачката интелигенција. Својот профил на социјалната мрежа Truth Social го преплави со слики генерирани со алатки со ВИ на кои е прикажан во најразлични фантастични улоги, од Исус до суперхерој. Постави уште многу други насочени против неговите политички непријатели, вклучувајќи и расистичко видео во кое Барак и Мишел Обама се прикажани како мајмуни.

Трамп сега се спротивставува на повиците за построга регулатива на ВИ, и покрај гласните стравувања дека оваа технологија би можела да излезе од контрола. Има две јасни причини за неговата поддршка. Првата е економска: ентузијазмот за потенцијалот на вештачката интелигенција ги зголемува инвестициите во технологијата и ги крева резултатите на берзата. Другата е геополитичка: Кина би можела да добие одлучувачка предност над САД ако непречено развива ВИ.

Трамп во вторникот ја претстави централизираната платформа со ВИ -America.gov, дизајнирана да им обезбеди на Американците точни информации и да ги поштеди од снаоѓање низ лавиринт од непрактични веб-страници. Со време, овој портал би им овозможил на луѓето да бараат работно место, да се зачленат во програмата Медикер или да обновуваат пасоши.

Ова е многу голема и многу важна работа. Ќе ви заштеди огромно количество време и ќе ве поштеди од правење грешки, изјави Трамп.

Во тој контекст, Daily Beast проверил на владиниот четбот дали Трамп победил на изборите во 2020 година, како што тврди самиот.

Не. Официјалните потврдени резултати покажуваат дека Џозеф Р. Бајден Џуниор победи на изборите во 2020 година. Изборни гласови: 306 за Бајден, 232 за Доналд Џ. Трамп. Гласови од граѓаните: околу 81,3 милиони за Бајден (51,31 %), одговара ботот.

2 октомври 2026 - 10:22