Спроти можниот изборен пораз:

Луѓето на Трамп во трка по адвокати

Членови на администрацијата на Доналд Трамп, советници од Белата куќа, пониски службеници, па и компании што соработувале со владата, забрзано настојуваат да ангажираат адвокати за да ги бранат од очекувани тужби ако демократите победат на изборите за Конгресот во ноември. Трамп како претседател има посилен имунитет, а и веќе издржа два импичменти во својот прв мандат.

Демократските лидери отворено предупредуваат дека ќе спроведат истраги за злоупотреби на функции и за судир на интереси во сите ешалони на извршната власт. Во предупредувачки писма ги спомнуваат Џаред Кушнер – зетот на Трамп, министерот за одбрана Пит Хегсет, дури и Доналд Трамп Јуниор поради наводите дека руски олигарх платил за свадбената прослава.

Адвокати кои веќе добиле повици за ангажман велат дека државните службеници се загрижени дека демократите ќе истражуваат сè, од случаи на „купени“ помилувања до реновирања. 

Првите повици почнаа спорадично во јуни и оттогаш се зголемија по фреквенција, вели Џад Стоун, коосновач на адвокатска канцеларија од Тексас.

Тој укажува дека Министерството за правда ќе ја има главната улога во општата одбрана на администрацијата. Сепак, службениците бараат адвокати што ќе работат исклучиво во нивен најдобар интерес. Поради правилата за судир на интереси, една адвокатска канцеларија тешко ќе може истовремено да застапува повеќе клиенти од администрацијата.

Сузан Грумс, поранешна советничка на Претставничкиот дом, вели дека нејзината адвокатска канцеларија Cooley бележи зголемен интерес и од компаниите што донирале за проектите на Трамп, или пак соработувале со неговото семејство или со федералната влада.

Белата куќа веќе направи кадровски потези за да биде во посилна позиција за правна одбрана. Трамп неодамна го премести во Белата куќа својот личен адвокат и поранешен обвинител Вил Шарф. Кејти Бејли, која има искуство во надзорните комисии на Конгресот, ја назначи за директорка на Канцеларијата за законодавни работи, која ги координира Белата куќа со Претставничкиот дом и Сенатот.

Мик Малвани, кој беше шеф на кабинетот на Трамп за време на неговата прва администрација, вели дека многумина од соработниците на претседателот потценуваат колку време и пари им се потребни за одбрана ако бидат покренати истраги.

Трамп лично ќе биде целосно подготвен поради истрагите од Конгресот и импичментот во првиот мандат. Поголемиот дел од неговиот персонал не поминал низ ова, вели Малвани.

Роберт Битман, кој ја водеше истрагата за Моника Левински за време на администрацијата на Бил Клинтон, вели дека советувал луѓе што влегуваат во администрацијата на Трамп уште од самиот почеток да обезбедат осигурување од професионална одговорност, за да можат да ги покријат евентуалните трошоци. 

Белата куќа тврди дека администрацијата не е загрижена од можната промена на мнозинството во двата дома на Конгресот.

Медиумите се опседнати со промовирање лажен наратив, поддржан од нивните лажни анкети, за тоа дека републиканците ја губат контролата врз Сенатот и Претставничкиот дом. Демократите немаат агенда за подобрување на животот на Американците. Нивната единствена агенда е да го продолжат својот децениски лов на вештерки против претседателот Трамп, изјави портпаролката Лорен Бис.

21 октомври 2026 - 13:44