Како албанските дилери ја побелеа Англија

Проституција, марихуана, кокаин.Така изгледа развојното портфолио на албанските банди во Англија кои денес апсолутно доминираат на црниот пазар вреден милијарди фунти. Работат тивко, важат за ефикасни партнери кои држат до дадената беса во нивните крвно поврзани ќелии полицијата тешко се инфилтрира. Но, тие пари некаде мора да се исперат и тоа ја бранува Албанија. 

Албанија е една од најсиромашните земји во Европа, но на тоа не би можело да се помисли во Блоку, модерниот кварт на Тирана, каде што крстосуваат Ројлс-Ројси и Бентлија од по 250.000 евра. 

Уште повпечатливи од колите се нивните газди: ликови покриени со тетоважи кои преку Ајфони издаваат наредби со акцент од северен Лондон или Манчестер. За оние што разбираат како функционира европската „подземна“ економија, овие англиски акценти се логични. Албанските банди се присутни во сите сегменти на британскиот пазар на кокаин, вреден 11 милијарди фунти — од увоз во големи размери, па сè до улична продажба.

Годинава двајца Албанци завршија зад решетки за организирање шверц на повеќе од 500 килограми кокаин — со проценета улична вредност од 40 милиони долари — од Мексико до аеродромот во Манчестер. Пред некој месец, Албанец беше осуден на затворска казна откако беше фатен дека во колата носи кокаин вреден 2 милиони фунти - во кеси од Лидл.

Кокаинот стана водечка причина за смртни случаи поврзани со дрога во Англија и Велс, при што бројот на фатални предозирања со оваа супстанца е зголемен четирикратно во текот на една деценија. Покрај тоа, Албанците доминираат и во британскиот бизнис со канабис, вреден 2,5 милијарди фунти.

Не им требаа многу години на Албанците за ваквата доминација откако ги истиснаа локалните конкуренти како што се Турците од северен Лондон и даблинскиот клан Кинахан.

На почетокот на веков, албанските и косовските криминалци – со репутација на исклучително насилни ликови - го презедоа бизнисот со пороци во лондонски Сохо (вреден 40 милиони фунти) од малтешките банди и бандите од Источен Лондон. Во 2001 година, тие веќе поседувале 70% од сауните и салоните за масажа во тој дел од градот.

Покрај сексуалната експлоатација, тргна и трговија со канабис. Низ Албанија никнаа огромни насади со марихуана кои со ниски цени ги истиснаа добавувачите од Холандија и Мароко. Познавачите објаснуваат дека канабисот бил „валутата што албанските шверцери ја користеле за да воспостават врски со други криминални организации во Европа и да стекнат искуство во организираниот криминал“.

Најуспешните меѓу нив влегуваат во светот на кокаинот каде влоговите се далеку поголеми.

Успеваат да развијат „одржливо партнерство“ со „Ндрангета“ — најмоќната италијанска мафијашка организација со центар во Калабрија која им помага да се позиционираат на клучни точки во глобалната мрежа за транспорт на кокаин — од пристаништа во Еквадор, па сè до транзитни земји како Сиера Леоне и Гамбија.

Овие меѓународни врски се покажале корисни и на други начини. За разлика од повеќето банди составени од бели Англичани — чии членови најчесто зборуваат само еден јазик, англиски, просечниот албански трговец со дрога често зборува четири или пет јазици.

Меѓу најголемите капиталци се браќата Хоџосмани кои во комшилук ги викале „соседи од пеколот.“ Еден од нив го викааат Али Баба зашто секогаш одел со уште 40 разбојници. Сега чекаат судење за шверц на кокаин во вредност од 335 милиони фунти, од Латинска Америка кон Британија и ЕУ.

Клучен збор за успехот на албанските банди на островот е терминот „ќелија“. Во Британија не постои една единствена „албанска мафија“. Бандите вклучени во шверц на кокаин главно се состојат од мали, крајно лојални групи засновани на роднински врски - речиси секогаш составени од браќа или роднини. Вториот прстен на „ќелијата“ се „соработници“ кои потекнуваат од истите мали рурални места како и главните членови. Тоа им дава на албанските криминални ќелии силна поврзаност заснована на заедничка заедница и доверба – при што, доколку некој се покаже како предавник, тоа носи тешки последици за неговото семејство во татковината. Ова помага да се спречи полициска инфилтрација а за секој нов член се вршат проверки и се бараат препораки.

Втор елемент за успехот е тоа што не се чаламат. Браќата Хоџосмани, на пример, доминираат не со гола сила туку со одржување на имиџот на коректни и ефикасни партнери кои држат до дадениот збор. 

И кога се оди со сила, тоа главно се случува во стариот крај. Кога во 2018 година во Англија исчезна пратка од 50 килограми кокаин, им поставија заседа на осомничените крадци во Албанија и ги ликвидираа додека се враќаа дома по семејна вечера.

„Белото“игра голема улога и во процесите во самата Албанија. Најновите улични немири беа предизвикани од тоа што на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, му беше продадено заштитено крајбрежно земјиште вредно 120 милиони долари. Му го продаде Артур Шеху, албански бизнисмен и осомничен трговец со кокаин.

„Албанија е толку длабоко навлезена во перење пари од кокаин, што последователниот бум на пазарот на недвижности сериозно ѝ наштети на економијата. Цените на недвижностите достигнаа небески нивоа а бидејќи парите од дрогата ја зајакнаа локалната валута, извозот стана поскап, што ги ослабе секторите како текстилната индустрија и земјоделството“, објаснува Макс Дели.

10 ноември 2026 - 19:59