Станува збор пред сè за наметнување на својата скапоцена и моќна личност на околина која тоа не го бара, ниту пак многу го сака. Личноста не мора нужно да биде ни скапоцена, ни моќна; битно е да е наметлива, дрска, безобразна и надркана.
Во уличниот - многу прецизен - жаргон тоа се вика „неподнослив дркаџија", таквите на улица се избегнуваат - или на крај ги ставаат на прав пат на убедлив начин, со полесни или потешки телесни повреди.
Во јавниот живот, меѓутоа, тоа не е така лесно и едноставно. Погледнете ги само наметливите и досадни типови кои викаат, се фалат, ги има насекаде, уживаат во државни функции кои инаку и ги стекнале со дерење и курчење; не смее човек веќе ни правосмукална да вклучи од нив. Сè се тоа мајстори, генијалци, ебачи, срцекршачи и спасувачи на татковината. Берлускони, Сакрози (особено откако се смува со онаа убавицата Карла), секакви „успешни" типови како Мрка, Тијаниќ, Динкиќ, Шешељ, Радован Караџиќ (тој беше шампион!) и сличните на нив. Таквиот не може да одолее а да не се курчи; тоа е посилно од него.
Се сеќавате ли на она магаре од „музиколог" кој јавно се фалеше дека на клавирот (веројатно Стенвеј) наводно натиснал извесна згодна сопранистка, па таблоидите тоа со уживање го пренесуваа? Еден од шампионите беше и Легија Улемек - од самиот почеток: тој се курчеше без мерка и граница, дрско и безобразно, знаејќи кој е и што е, но овците наседнуваа. Ратко Младиќ се закануваше дека ќе ја сруши Фиренца и Сикстинската капела; Радован Караџиќ се закануваше со слични подвизи, вклучувајќи и српска нуклеарна бомба од „црвена жива"; командант Аркан се курчеше со „елиптонот", тајно оружје кое го добил од другар му Жириновски, исто така шампион во курчење. Тој „елиптон" требаше да го произведува некаква работилница во Шабац, инаку позната по сензори за детски нокшири, за родителите да знаат кога потомството се измочало. Не знам што стана понатаму со тоа, но не е тоа единствено што не го знам на тие теми.
Курчењето - како што изгледа - всушност се исплати. Можеби само на краток рок, но ако човек на време избега, не е ни тоа лошо. Меѓутоа има примероци на кои тоа им поаѓа од рака и на подолг рок. Сè укажува на тоа дека се работи за сериозна вештина. Да го земеме на пример Мрка: тој со години вика, прави јавни сцени, се фали, се курчи, а резултатите не се баш нешто, никој не му верува (велат анкетите), и што? Ништо, ете го повторно министер. На Небојша Павковиќ убаво му тргна тоа курчење: вистински miles gloriosus (војник што се фали) од римските комедии, подаруваше наоколу пиштоли со гравирана слика на својот лик, фрлаше ножеви, сереше како кенгур (речиси како Мрка) и - каде заврши? А така убаво тргна...А па Воја Шешељ...
Можеби треба да се запрашаме за причината и за потеклото на таа интересна појава. Како да е тоа фабрички вградено во машките уште од праисторија, ама во меѓувреме некако се довело под контрола кај пристојните луѓе. Атавизам, веројатно, како веќе се вика тоа: како опашка или претерана влакнетост (на што голем број жени не замеруваат; на влакната, мислам).
Значи, сфаќам: елен, машка срна, јарец, овен, муфлон; сите со рогови и накурчени во борбата за наклонетост на женката. Кај пауните и разните други птичишта е слично: со опаши, бои и звуци кои ги испуштаат. Да не има тоа некаква врска со сексуалниот нагон? Кој повеќе и подобро се курчи - повеќе ќе се размножува? Така некако ми се чини. Но што има тука да понуди машкиот хомо сапиенс (да простите)? Рогови? Подобро не. Влакна? Можеби... Паунова опашка на својата бесконечна суета претворена во општествен, финансиски, политички или некој за тоа разменлив успех? Сето тоа заедно. Во својот примордијален, нели, и етимолошки облик, курчењето е мерка за должина на машкиот кур меѓу конкурентите, да ми простите, па чиј е подолг. Тоа, меѓутоа, им прилега на клинци во напреден пубертет, а не на возрасни луѓе. Особено не е применливо во хм...социјално милје, како да ви кажам.
Добро, нема да ситничариме. Двоножниот цицач со нешто малку мозоче сепак еволуциски е колку-толку баждарен за да се натпреварува за наклоност (или дозвола) на својата женка во таа, нели, смисла. Е, сега: дали курчењето е подобар начин за успех од некои други пристапи - останува отворено прашање. Има мислења дека паметот дава подобри резултати од горилското мавање во влакнести гради и испуштањето крици, на што денес се сведува курчењето. Има, меѓутоа, жени на кои тие примордијални манифестации многу им се допаѓаат - и тоа е нивно право, што ми е па мене гајле? Сакаат „длакави ѕвери" (Џони Штулиќ, Крвава Мери) и тоа ти е. Добро, во ред е. Ќе остане секогаш нешто и за внимателните, нежните и духовити мажи кои одат на памет, а не на крзно и рикање.
Милош Васиќ, "Мојот машки живот"