Кога Кајл Шварц почнала да предава во основно школо во Денвер, размислувала како подобро да ги запознае своите ученици. Без многу очекувања, побарала тие да ја пополнат празнината во „Сакам мојата учителка да знае..“. Некои од одговорите што ги добила биле хумористични, други трогателни. Но сите биле просветлувачки, и за неа лично, и за другите наставници, кои преку нејзината иницијативна добиле средство за разбирање на реалноста со која се соочуваат нивните ученици вон школото. #IWishMyTeacherKnew така станал вирален клучен збор, под кој на социјалните мрежи почнале да се слеват одговори на ученици од целиот свет, а кои Шварц ги објавила во форма на книга.
„Би сакал мојата учителка да знае колку ми недостига татко ми, затоа што беше депортиран во Мексико кога имав 3 години и не сум го видел веќе шест години“, вели една од пораките. „Би сакала мојата учителка да знае дека јас и семејството живееме во засолниште за бездомни“, вели друга. Повеќето од пораките се со ваква, социјална содржина, но има и такви кои ѝ порачуваат на учителката дека зад нивната срамежливост се крие добра причина, или дека се попаметни отколку што тоа можеби изгледа.
Шварц од сето ова извлекла поука - дека училиштата не се само образовни институции, туку и места каде голем дел од децата очекуваат да најдат топлина и сигурност која можеби ја немаат дома. Подоброто запознавање на нивната ситуација може во голема мерка да го објасни нивото однесување, а и да превенира евентуални грешки во пристапот.
Дали нашите деца би сакале нивните наставници нешто да знаат за нивната ситуација дома? Што би им кажале? И колку тоа би открило за нашето општество, какви скриени детски болки и колективни трауми би исфрлило на површина? Ете можност за храбрите наставници, во новата школска година.