„Донер-Рид“ - американските пионери кои морале да јадат и човечко месо за да преживеат

Историјата на освојувањето на американскиот Запад е исполнета со авантури, надежи и тешкотии, но ретко кој настан останал толку длабоко врежан во колективното сеќавање како трагедијата на Донеровата и Ридовата експедиција. Наместо патување исполнето со ветување за нов живот во Калифорнија, нивната одисеја станала симбол за човечката издржливост и очај.

За преживеаните членови на семејствата Донер и Рид, речиси четирите месеци глад, болести и канибализам во Сиера Невада завршиле на 19 февруари 1847 година, кога една спасувачка екипа конечно успеала да стигне до нив.

Овој спас означил крај на едно долго и брутално патување за двете семејства, кои во пролетта 1846 година тргнале по Орегонската патека. Тогаш 60-годишниот Џорџ Донер и 45-годишниот Џејмс Рид ги спакувале своите семејства и, заедно со други доселеници, се впуштиле во авантура што требало да трае четири до шест месеци – патување од Индепенденс, Мисури, до Калифорнија.

По својата природа, Орегонската патека била долга и тешка, а премините низ Сиера Невада биле најголемиот предизвик. Учесниците во оваа експедиција, позната како групата Донер-Рид, имале потешкотии уште од самиот почеток. Присуството на жени, деца, постари лица и двајца луѓе заболени од туберкулоза дополнително го забавувало напредувањето на караванот.

Семејствата направиле кобна грешка. Наместо да ја следат оригиналната патека на Орегон Трејл, тие ја избрале т.н. „кратенка“ што ја препорачувал доселеникот Лансфорд Хејстингс, како „подиректна“.

Хејстингсовиот пат бил рекламиран како пат што ќе го скрати патувањето за над 500 километри. Но во реалноста тој го продолжил патот за 200 км и ги забавил доселениците. Заглавени во солената пустина во летната жега, Донерови и Ридови многу брзо ги потрошиле храната, водата и храната за стоката. Подолгото патување исто така ја одложило нивната пресметка со најтешкиот дел – преминот преку Сиера Невада.

До октомври или ноември 1846 година, групата стигнала до планините, но таму ги фатил раниот и жесток снежен бран. Околу 80 луѓе останале заробени во пустите и студени планини, каде што се обидувале да преживеат цели четири месеци. Половината од нив не успеале. Меѓу ноември и февруари многумина подлегнале на глад, исцрпеност и смрзнување. За да преживеат, луѓето биле принудени да јадат варена кожа и кора од дрва, а на крај – и човечко месо.

Додека поголемиот дел биле заробени во планините, група од најсилните и најиздржливите се одвоила, формирајќи мала група позната како „Форлорн Хоуп“ („Очajна надеж“). Нивната цел била да се пробијат низ планините и да побараат помош за останатите. Но многумина од нив загинале по патот, и токму тие биле првите што се свртеле кон канибализам. Малкумината што преживеале наишле на племето Мивок, каде добиле извесна помош.

По ова, следеле четири спасувачки мисии. На 19 февруари 1847 година, првата група спасувачи стигнала до заробените доселеници. Но со ограничени ресурси, тие можеле да понудат само придружба и упатства за опасниот пат надвор од планините.

Иако ова донело малку надеж, целосното спасување траело сè до април 1847 година, кога бил извлечен и последниот преживеан. Семејството Донер било особено погодено – нивните деца останале сирачиња. Од вкупно 81 човек што тргнале, само 45 успеале да ја преживеат суровата зима.

И покрај ужасот и страдањата, приказната за Донер-Рид експедицијата не ја спречила идната миграција кон Запад. Некои од преживеаните дури и ги охрабрувале другите да го продолжат патот. Денес, автопатот што минува по трагите на нивното патување и натаму понекогаш се затвора поради обилни снежни врнежи – потсетник на трагичната судбина на тие доселеници.

20 август 2025 - 15:08