
Мијамото Мусаши (16-17 век) бил самурај, стратег, уметник, писател и еден од супер-хероите на јапонскиот фолклор, со 62 дуела од кои сите добиени. Го сметаат за „кенсеи“ односно „мечувалски светец“, меѓу другото затоа што бил првиот кој се борел истовремено со два меча. Најзначајно дело му е „Книгата на пет прстени“, со пет дела (земја, вода, оган, ветер, небо), чии принципи се популаризирани и во политичките и бизнис круговите, како начин на разрешување конфликти.
Без оглед дали бројот на добиени дуели е легендарно напумпан или не, Мијамото очигледно знаел нешто што многумина други не го знаеле. При крајот на неговиот 60-годишен живот, тој ја кондензирал својата мудрост во следниве принципи:
1. Прифати сè онака како што е.
2. Задоволството нека не ти биде цел самото по себе.
3. Во ниту една ситуација немој да зависиш од делумно чувство.
4. Мисли површно за себе, а длабоко за светот.
5. Оградувај се од желбите целиот твој живот.
6. Немој да жалиш за она што си го сторил.
7. Никогаш не завидувај.
8. Никогаш не биди тажен поради разделба.
9. Омразата и поплаките не се соодветни ни за тебе ни за другите.
10. Не дозволувај да бидеш раководен од чувството на страст или љубов.
11. Не преферирај ништо.
12. Биди индиферентен кон тоа каде живееш.
13. Не очекувај храната да има добар вкус.
14. Не се држи до предметите кои веќе не ти требаат.
15. Не дејствувај следејќи вообичаени уверувања.
16. Не собирај оружје и не вежбај со оружјето повеќе од тоа што е корисно.
17. Не се плаши од смртта.
18. Не очекувај да поседуваш имот или добра на старост.
19. Почитувај го Буда и боговите без да сметаш на нивната помош.
20. Може да го напуштиш своето тело, но мора да ја сочуваш својата чест.
21. Никогаш не отстапувај од Патот.
Ако сето ова подразбира мудрост и исполнет живот (особено бр. 12), тогаш малкумина од нас би можеле да ги исполнат условите. Секоја чест на оние што ќе успеат.