Според новиот предлог-закон, усвоен со 151 наспроти 79 гласови во првото читање пред Парламентот - странците, нелегалните мигранти и сите лица без регулиран статус во Португалија ќе имаат пристап до јавниот здравствен систем само ако приложат здравствено осигурување или ако од сопствен џеб платат за услугите. Ова нема да важи за итни медицински случаи.
Иницијативата ја покренаа социјалдемократите и демохристијаните од владејачката коалиција, а доби поддршка од десничарската партија Чега.
Опозицискиот Лев блок ја отфрла иницијативата како „расистичка и ксенофобна“ и ги обвинува партиите од десницата дека „ги користат странците како жртвени јагниња за да ја избегнат сопствената одговорност за лошата состојба во Националниот здравствен систем“.
Владејачкото мнозинство објаснува дека всушност ја поправа грешката од претходната социјалистичка влада, која овозможила злоупотреби на системот.
Целта е да се спречи опортунистичкото однесување на илјадници странци кои доаѓаат во Португалија само за да добијат здравствени услуги. Овој „здравствен туризам“ е последица на неодговорните политики на претходната влада, изјави пратеникот Алберто Мачадо.
Според податоци од Генералниот инспекторат за здравствени дејности, во периодот од 2021 година до октомври 2024 година, службите за итна помош во јавното здравство третирале речиси 330.000 странски државјани. Од нив, повеќе од 141.000 биле неосигурени и не биле опфатени со ниту еден протокол, меѓународен договор, договор за соработка или Европска картичка за здравствено осигурување.
Според неофицијални проценки објавени во португалскиот печат, долгот на странските пациенти би можел да достигне 15 милиони евра. Министерката за здравство Ана Паула Мартинс лани призна дека во многу случаи нема начин да се наплатат трошоците.
Само во регионот Алгарве, болниците во текот на две години не успеале да наплатат 1,2 милиони евра. Во болницата „Сао Жозе“ во Лисабон, повеќето итни акушерски случаи биле за жени од Индија, Непал, Пакистан и Бангладеш, со кои Португалија нема склучено здравствени договори.
Законот мора да помине низ Комисијата за здравство, а потоа и на конечно гласање во Парламентот, каде што партиите ПСД, ЦДС и Чега заедно имаат апсолутно мнозинство. Претседателот – поранешниот социјалистички лидер Антонио Жозе Сегуро – може да го упати до Уставниот суд, кој веќе поништи две значајни реформи на владата: Законот за имиграција и Законот за државјанство.