Пред шест-седум години, „Длабоката држава“ беше термин што можеше да се сретне главно во левоориентираните медиуми. Кога на таа тема беше прашан Едвард Сноуден, тој рече: „Да, дефинитивно постои дип стејт. Верувајте ми, сум бил во тоа“.
Дип стејт некогаш служеше како факел за осветлување на мрачните злоупотреби на политичката моќ и институциите, при што се бајпасира системот на спреги и кочници, дизајниран да ги спречи ваквите дисторзии на политичкиот систем.
Имаше лавина од случувања што ги оправдуваа стравовите дека постои моќна мрежа што може да се нарече дип стејт. Се дозна дека врвни лица во мрежата, каков што беше шефот на ЦИА Џон Бренан, или пак директорот на националното разузнавање Џејмс Клапер, го лажеле Конгресот, меѓу другото и за програмот за следење лица без налог. На крајот, сепак поминаа без никакви реперкуси.
Се дозна за систематското лажење на ЦИА во врска со програмите за мачење во кои имало и анално хранење, убивање роднини и предизвикување хипотермија, техники за кои ЦИА не сметаше дека е потребно да го извести Конгресот.
Се дозна дека ЦИА во 2014 го шпионирала сенатскиот комитет за разузнавање, следејќи им ги компјутерите и меиловите.
Се дозна дека НСА во време на Обама ги прислушувала израелските противници на договорот со Иран.
Се дозна и дека ЦИА ја следела комуникацијата на генералниот инспектор за разузнавање во врска со информации од свиркачи, што со други зборови значи дека шефовите на ЦИА однапред знаеле какви поплаки на ЦИА стигнуваат во Сенатот.
И веројатно најлошо од сè, се дозна дека Обама и неговите редовно одржувале состаноци во вторник што си ги викале „Terror Tuesdays”, на кои се решавало кој да биде, а кој да не биде убиен со тајната програма за атентати со дронови, операција што не беше водена од американската војска туку од ЦИА, и во која се убиени 3.500 лица, од кои најмалку 324 биле цивили.
„Голема нераскажана приказна од ерата на Трамп е политичкиот камбек на ЦИА, НСА и ФБИ, кои благодарение на генијална маркетинг-кампања, денеска уживаат огромна поддршка меѓу младите либерали“, пишува Мат Таиби наведувајќи како прогресивните американски „Младотурци“ пред некој ден ги величеле доблестите на ЦИА, тврдејќи дека денес се почитуваат демократските норми и уставни решенија.
Па ќе каже:
Кога Трамп пристигна, речиси веднаш беше јасно дека негова историска судбина е да стане најдоброто нешто што им се случило на тајните служби. На ист начин на кој хидроксихлорокинот стана 'змиски отров' инстантно откако Трамп рече дека го пие, „Дип стејтот“ инстантно стана ништо друго освен мит, откако Трамп и неговите мињони почнаа да веруваат дека тој постои“, пишува Таиби.
На спомнатиот Џон Бренан од ЦИА последната посета пред Трамп да го смени му беше во комшии кај Рама, за месец дена подоцна да се појави фамозната слика од Рама, Али и екипа, договорени за платформата што постоеше само во главите на небањатите.
Се разбира, коинциденција.