Неонацист со мустаќи во женски затвор

Озлогласен германски неонацист ги искористи законските дупки за да може да отслужи казна во женски затвор. Екстремистот што ги нарекуваше трансџендерите „паразити на општеството“, пред судот се претстави како жена, со лакирани нокти, накит и со нападен кармин под густите мустаќи „до грло“. Не му требало операција, едноставно пополнил формулар за промена на името. 

Свен Либих, еден од најистакнатите германски неонацисти, доби право да ја отслужи затворската казна во женски затвор, каде што оценил дека полесни ќе ги помине 18-те месеци зад решетки.

Откако беше осуден, во периодот на обжалување на пресудата го искористил новиот Закон за самоволен избор на полот, усвоен на 1 ноември 2024 година и само неколку недели подоцна се регистрирал како жена. Си ги променил сите документи на име Марла-Свенја Лајбих.

Според претходниот германски закон, за официјална промена на полот биле потребни две одделни препораки од медицински специјалисти. Новиот закон го спуштил прагот за родово самоопределување на едноставно потпишување формулар во локалната канцеларија за регистрација.

Одлуката ја згрози јавноста во Германија. Реагираше и Валери Вилмс, пратеничка од Зелените, која со операција си го променила полот.

Како можат да бидат толку глупави да паднат на терминот „родов идентитет“ наместо да го имаат предвид биолошкиот пол. Со законот може да се манипулира до апсурдност, вели Вилмс.

Кармен Веге од Социјалдемократската партија додава дека „промена на граѓанскиот статус не значи автоматски дека маж може да стават во ќелија со жени“. 

За да биде случајот побизарен, Либих е еден од најжестоките хејтери на трансродовите лица во Германија. Ги нарекуваше „трансфашисти“ и „паразити на општеството“.

Грижете се добро за себе и немојте да добиете мајмунски сипаници со вашите спонтани средби на Grindr (апликација за геј дружби) во тоалетот на железничката станица, порачуваше Свен.

Правни советници предупредуваат дека Либих ќе претставува опасност за жените и девојките во затворот Хемниц, особено ако се има предвид неговото минато.

Уште од 1990-те години Свен Либих се наметна на источногерманската екстремистичка сцена како лидер на гранка на отворено нацистичката организација „Крв и чест“ во Саксонија-Анхалт, забранета од 2000 година. Либих подоцна организираше демонстрации во родниот град Хале и беше под присмотра од домашната разузнавачка агенција. Во изминатите години тој водеше кампања за поддршка на режимот на рускиот претседател Владимир Путин и за војната во Украина, продавајќи сувенири со симболот „Z“.

На 18 месеци затвор беше осуден поради разни дела – поттикнување омраза, клеветење, нарушување на приватност на имот, дури и за продажба на бејзбол палка претставена како „помош за депортација“.

Во затворот во Хемниц треба да биде префрлен на 29 август. Обвинителот Денис Кернота изјави дека специјална комисија ќе провери дали тој може да претставува ризик. Во затворот своите казни ги отслужуваат озлогласени екстремистки, како неонацистката Беате Чепе, осудена за тероризам, но и левичарката Лина Енгел, осудена за напади и обид за убиства на неонацисти.

22 август 2025 - 10:01