Што би требало да направи Доналд Трамп за американските медиуми да го прикажат она што тој го прави во Венецуела како акт на војна? - се прашува Интерсепт и објаснува дека прашањето не е реторичко туку открива многу како стандардниот став на американските медиуми е потчинетост на државата и стенографија.
Во изминатите неколку месеци, Трамп изврши неколку недвосмислени воени дејствија против Венецуела: ладнокрвно убивање на десетици нејзини граѓани, киднапирање на нејзините бродови, крадење на нејзините ресурси, воведување поморска блокада и напади врз нејзините пристаништа. Потоа, дополнително ескалираше и ја нападна суверената територија на Венецуела, бомбардирајќи неколку згради, убивајќи околу 70-80 лица.... Го киднапираше Николас Мадуро и неговата сопруга од нивниот кревет и се прогласи за В.Д. управител на државата.
Па сепак, ниеден американски меинстрим медиум ваквата дрска агресија и кршење на меѓународното право не го нарече акт на војна.
Оваа епизода уште еднаш покажува дека американски претседател може да направи речиси што сака во надворешната политика, а медиумите сепак ќе усвојат ласкав или барем дезинфициран јазик за опис на она што се случило.
Најјасно беше после нападот на Каракас, кога тоа беше прикажано како „засилена“ (CBS News) „кампања за притисок“ (Wall Street Journal) и најчесто, како некаков вид ограничена „операција“ на полицијата за наркотици (CNN).
Последните неколку месеци, американските медиуми работеа прекувремено за да обезбедат псевдо-правна заштита за агресијата на Трамп против Венецуела, задача за која самата Бела куќа едвај се потруди да се преправа дека е заинтересирана. Сè започна минатиот месец кога и Њујорк тајмс и Си-Ен-Ен се осврнаа на „меѓународните санкции“ врз венецуелската нафта (кога се киднапираа и крадеа танкери).
Имаше само еден проблем: Не постојат меѓународни санкции врз венецуелската трговија со нафта, постојат само санкции од САД.
Њујорк тајмс дури го цитираше Марк Невит, професор по право и поранешен адвокат на морнарицата, кој рече дека киднапирањето на венецуелските нафтени танкери од страна на САД било легално затоа што тие ја спроведувале Конвенцијата на Обединетите нации за Морско право.
САД никогаш ја немаат потпишано оваа конвенција.
Ама им требаше сето ова, за да се долови дека едностраните акти на Трамп се во согласност со меѓународните правила.
Оваа про-боно ПР кампања за Трамп беше придружена со статии за „темната“ или во „сенка“ венецуелска флота. Таа е темна или во сенка за само една од 193-те членки на ОН - САД.
Во целиот медиумски простор остана неспомнато дека е невообичаено земјите да ги следат законите на други земји. Венецуела нема поголема морална или правна обврска да го следи американскиот закон отколку што САД имаат морална или правна обврска да го следат венецуелскиот закон или иранскиот закон. Со трговијата со нафта и одбивањето да се покори на американското пиратство, Венецуела не кршеше ниту еден венецуелски закон и ниту едно меѓународно право - факт што речиси никогаш не го спомена никој во американските медиуми, забележува Интерсепт.
Истото важи за самиот Мадуро. Секој голем медиум - CNN, The Associated Press, ABC News, CBS News, NBC News, New York Times, Washington Post - тоа истовремено го нарекоа „заробување“ или „апсење“, термини што обично се резервирани за криминалци или бегалци, и покрај фактот дека, како и со „нелегалната“ трговија со нафта на Венецуела, само една од 193-те земји-членки на ОН, САД, издадоа налог за апсење на Мадуро. Накратко, Мадуро не бега од никаква меѓународна кривична санкција.
„Војна“ и „инвазија“ се резервирани само за Путин.