ИнтерЊет ги врати пејџерите во Москва

Прекините на интернетот ги врати жителите на Москва со години наназад. Не можат да плаќаат сметки, па вадат кеш и купуваат пејџери и фиксни телефони. Бизнисите изгубиле милијарди рубљи. Кремљ вели дека блокадата е привремена поради безбедносни причини. Критичарите тврдат дека ова е обид на властите да воспостават целосна контрола врз интернетот.

Прекините на пристапот до интернет во центарот на Москва почнаа на 5 март. Просечниот дневен сообраќај преку мобилната мрежа се намалил за околу 20% во споредба со февруари, покажуваат податоци од агенцијата Роскомнадзор. Погодени се и места во внатрешноста.

Кремљ ги призна прекините, но дава малку детали за нивната причина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека тоа се „системски мерки за безбедност“, кои ќе бидат одржани сè додека е потребно.

Државните портали им советуваат на московјаните да носат готовина со себе за да избегнат проблеми со плаќањата и почесто да користат телефон. Локални медиуми тврдат дека е зголемена продажбата на воки-токи, пејџери и фиксни телефони. Пратеник на Државната дума предложи да се инсталираат „говорници со пристап до интернет“. 

Ова го враќа во камено доба напредниот град кој се гордееше со својата дигитална софистицираност, вели Саркис Дарбињан од организацијата за дигитални права RKS Global.

Ограничувањата се особено болни за бизнисите. Дмитриј Заир-Бек, експерт за сајбер безбедност, ги процени загубите на 1-2 милијарди рубли (12,5-25 милиони долари) дневно. Ова вклучува парализирана „клауд“ инфраструктура, прекини во обработката на малопродажни плаќања и затворање на логистичките центри кои критично зависат од пристапот до глобалната мрежа.

Нарушувањето на пристапот се поврзува со кампањата на Кремљ за построга контрола на содржините на интернетот и негово изолирање од глобалната мрежа. Властите веќе забранија некои апликации на популарни социјални мрежи. 

На почетокот, мобилниот интернет беше речиси целосно блокиран во центарот на Москва, но една недела подоцна беше овозможен пристап до некои веб-страници одобрени од владата, вклучувајќи јавни служби, банки и провладини медиуми од „белата листа“ на Кремљ. За разлика од досегашните ограничувања, прекините не можат да се заобиколат со пристап преку виртуелни приватни мрежи (VPN).

Според поранешен функционер на Кремљ, одлуката најверојатно дошла од Федералната служба за безбедност, откако властите презедоа мерки за блокирање на апликацијата за пораки Телеграм и ја зајакнаа одбраната од украинските напади со беспилотни летала. Тој смета дека руските цензори веројатно немаат технолошки вештини за да го блокираат сообраќајот од Телеграм.

За ФСБ, безбедноста е поважна од какви било загуби на бизнисите, изјавил анонимниот извор на Фајненшл тајмс.

Аналитичарите веруваат дека ширењето на системот „бела листа“ на интернетот е само прашање на време.

Мобилниот интернет очигледно се користи како тест-полигон за понатамошно заострување на контролата врз целиот интернет сегмент во Русија, вели Мазај Банзаев, основач на  компанија за VPN услуги.

14 март 2026 - 10:36