Дејвид Витлок се нема избањато 15 години па сепак нема непријатен телесен мирис, тврди Гардијан.
„Беше чудно првите месеци но потоа сè беше во ред. Ако ми се извалка некој конкретен дел од телото, го мијам, но никогаш со сапун. Освен микробите, сапунот ги испира и заштитните масла на кожата и ја менува нејзината pH вредност.“
Освен што добива екстра 15 минути во денот кои би ги потрошил под туш, неговата примарна мотивација била да ги охрабри пријателските микроби да живеат на неговата кожа во симбиотичка хармонија. Бактериите се хранат од амонијакот во потта и така тој добива балансирана кожа, лесна за одржување.
Исто како што свесноста за важноста на цревните бактерии доведе до бум на пробиотиците и ферментираната храна, сега постои растечки интерес за нашиот кожен биом кој се состои од трилијарди микроби кои нè штитат од патогени и нè држат здрави создавајќи витамини и корисни хемикалии. Дури и меинстрим брендот Доув почна да рекламира производи дека се „нежни за микробиомот“.
Слични се случаите и со Сара Балантајн, една од оние „влијателни лајф-коучери“ (убаво викаше Теофил Панчиќ на софра, треба еден ден да седнеме и да направиме список на непостоечки занимања), која во нејзиниот свет е позната како „Палео мама“ и промовира живот како во каменото време, како и со новинарката Џеки Хонг која сапун нема видено 9 години.
„Нема ништо лошо ако само се плакнете, “ вели дерматологот Сенди Скотницки која лани ја објави книгата „Отаде сапунот“. “Сум среќавала луѓе кои со години не користат никакви хемикалии и ништо не им фали“.
Инаку, оној Витлок е поранешен (којзнае зошто?) хемиски инженер во Кембриџ и немиењето му било дел од научен експеримент. На почетокот мислел дека со самото немиење, на кожата на кожата ќе се создадат саканите микроби, но, не било така. Подоцна, поттикнат од онаа потреба на коњите да се валкаат по земја, почнал самиот да одгледува разни типови на бактерии и откако ги добил оние кои се хранат со амонијак а им годи да се на кожа, ги вдомил на себе и мирисот набргу престанал.