
Со други зборови: содржината повеќе не е ретка. Кога нешто престанува да биде ретко, престанува да биде и главна вредност. А тоа ја менува и логиката на вниманието. Ако машините можат да произведат бескрајно количество текстови, идеи и визуелни форми, тогаш вистинското прашање повеќе не е „што може да се создаде“, туку „што вреди да се избере“.
И тука конечно доаѓаме до вкусот.
Во основа, вкусот е способност за селекција. За препознавање на значење. За разбирање на контекст. Oнаа тивка, често невидлива интелектуална работа која од илјадници можности издвојува нешто што навистина вреди за внимание.
Но токму тука настанува и парадоксот на современата култура.
Речиси секој верува дека има добар вкус.
Социјалните мрежи се полни со совети за стил, листи на „must-have“ производи, идентични препораки за книги, филмови или уредување на домот. Истите масички со истите книги. Истите палети на бои. Истите референци.
Колку повеќе луѓе зборуваат за вкус - толку повеќе сè почнува да личи едно на друго. Како тогаш да знаеме каде завршува имитацијата, а каде почнува вистинскиот вкус?
Во суштина, разликата е во перспективата. Имитацијата го следи трендот. Вкусот го разбира контекстот. Имитацијата позајмува. Вкусот селектира. Откако алгоритмите управуваат со голем дел од нашето внимание, оваа разлика станува уште поостра - алгоритмите се оптимизирани за реакција: повеќе реакции, повеќе кликови, повеќе време поминато пред екранот. Значи не проценуваат вредност, туку видливост.
Од друга страна, кураторите - луѓето со развиено чувство за културна селекција - функционираат поинаку. Филтрираат бучава и врева, наместо да ја следат, поставуваат рамки и создаваат значење. Не е случајно што технолошките компании последниве години почнуваат да бараат токму такви профили: раскажувачи, културни посредници, луѓе со изградено чувство за контекст и перспектива.
Затоа вкусот не треба да се сфати како некаква елитна или мистична особина и не е само прашање на стил или естетика, туку е форма на интелектуална дисциплина. И што е можеби најважно, може да се развива.
Се гради преку изложеност на различни идеи, преку создавање сопствени референци, преку внимателно гледање и читање. Преку способноста да се направи разлика меѓу тренд и вредност, меѓу популарност и значење.
Ако машините продолжуваат да произведуваат сè повеќе содржина, човекот што знае што вреди да се зачува, што вреди да се игнорира и што вреди да се пренесе понатаму - ќе има сè поважна улога.