Ги реметеа за шинобусот, ама селото колку пола Лисиче стана Бундеслигаш

Пред четири години играа во регионалната четврта германска лига, а следната сезона ќе играат против Баерн Минхен. Бајката Елверсберг ја достигнува кулминацијата.

Елверсберг стана најмалиoт клуб што некогаш ќе заигра во Бундеслигата откако обезбедија промоција со победа од 3-0 против испаднатиот Пројсен Минстер.

Историјата ја испишаа Бамбасе Конте и Давид Моква со два гола, кои се погрижија оваа чудесна приказна да стане нестварна и невидена до сега.

Знаете ли друго место со 13.000 жители кои стигнало до прва лига? Не ФЦУ од Кисела Вода, туку некој клуб во топ 5 лигите? 

Шпизен Елверсберг ќе биде и најмалиот град што ќе биде претставен во Бундеслигата. Стадионот им собира 10.000 гледачи, но веќе почнаа со процесот за реновирање за да ги исполнат барањата на Бундеслигата. Се очекува капацитетот до следната година да го прошират на 15.000.

Инаку Елверсберг прослави извонредна трета промоција во последните пет години. Лани беа блиску до влез во прва лига, но во плејофот загубија од Хајденхајм со вкупни 4:3.

Пред тој натпревар, Германската железница објави слика од воз со само еден вагон, што сугерира дека на Елверсберг нема да му треба поголема услуга за плејоф мечот, кој Билд го опиша како „El Dorfico“, што во превод значи селски.

Клубот, основан во 1907 година и со седиште во малата покраина Сарланд во југозападна Германија, играше во регионалата четврта лига дури до 2021/22, а во сезоната 2023/24 за прв пат заигра во втората лига.

Некако неблагодарно е да се прави компарација во однос на нивната финансиска моќ со другите бундеслигаши.

Баерн Минхен според Трансфермаркт вреди 970 милиони евра, Борусија 498, лајпциг 471, Баер 450. 

Елверсберг влегува со вкупна вредност на својот тим од 28 милиони евра. Најевтиниот играч им вреди 50.000 евра, а најскапиот 3 милиони.

Во најелитната конкуренција ќе му се придружи Шалке, кој заврши прв на табела и кој прави кам бек после три години.

20 мај 2026 - 15:03