Познат ви е терминот „Thirst Trapping“?

Како објавувате содржина на социјалните мрежи? Дали ја прилагодувате ако знаете дека токму тоа стори ќе го види некој што сакате да го види? Колку е сето тоа автентично и како се „читаат“ тие знаци во некои модерни начини на однесување? Ова се само дел од прашањата што често си ги поставуваат луѓето кои партнери пронаоѓаат, или од нив се инспирираат преку социјалните мрежи.

Токму поради ваквите прашања почнаа да се развиваат разни теории за современиот дејтинг-свет, а еден од термините е Thirst Trapping - кога со лајкови ја гасиме жедта за внимание.

Во интернет-жаргонот, thirst trapping начи да објавиш фотографија или видео со намера да привлечеш внимание, најчесто романтично или сексуално. Зборот thirst („жед“) овде симболизира желба за внимание, валидација или флерт, додека trap („замка“) означува начин на кој тоа внимание се „фаќа“.

Во пракса, тоа е селфи во огледало, стори од теретана или суптилно секси објава што порачува: „Не барам ништо посебно, ама гледај ме.“

Во општеството во кое живееме, сите имаме мал медиумски простор во кој го обликуваме сопствениот имиџ. Thirst trapping не мора секогаш да биде површна игра - понекогаш е израз на самодоверба, желба за признание или едноставно - забава. Луѓето знаат да објават thirst trap фотографии и кога се чувствуваат добро во својата кожа, или кога сакаат реакција од одредена личност - некогаш и кога тестираат дали уште „проаѓаат“ во онлајн просторот.

Но, од друга страна, зад thirst trap објавите често се крие и потреба за валидација - оној брз допамински удар што доаѓа кога ќе се појават лајкови, коментари и реакции.

Патем, не е нужно негативен поим. Може да овозможи чувство на моќност - начин личноста да преземе контрола врз сопственото тело и имиџ. Но постои и помрачна страна, кога се користи како алатка за емоционална манипулација или играње со туѓи чувства.

На пример, објавување јака фотографија веднаш по раскинување, често со цел бившиот или бившата да ја види, е класичен пример за стратегиски thirst trap.

Исто така, сега кога живееме со Инстаграм, ТикТок и Тиндер, границите меѓу вистинската привлечност и дигиталниот перформанс стануваат сè потенки - луѓето сè почесто имаат некакви дејтови и преку објави: лајк = флерт, одговор на стори = сигнал, thirst trap = повик на „акција“.

Во тој контекст, thirst trapping станува нова форма на невербална комуникација, па она што некогаш било долго гледање во реалниот свет, денес се одвива преку мрежите.

Ништо од ова не мора нужно да биде лошо, ама ете, сега знаете.

19 мај 2026 - 22:40