
Според едно истражување за семејни односи, кое опфатило 4.856 жени на возраст од 20 до 49 години, речиси 39% од жените во свои 20-ти години кои немаат деца изјавиле дека не очекуваат да имаат деца воопшто. Кај жените од 30 до 39 години без деца, тој процент расте на 57%, додека кај жените од 40 до 49 години без деца, околу 90% велат дека не очекуваат да станат мајки.
Овие бројки претставуваат значителен пораст во однос на податоците од 2015 година, кога мнозинството млади жени без деца сè уште изразувале желба во иднина да станат родители.
Во меѓувреме, стапката на наталитет во САД продолжува да опаѓа, тренд што трае со децении. Овој пад сега е предмет на внимание и на политичко ниво, вклучително и во рамки на администрацијата на Доналд Трамп, која веќе има разгледувано мерки за поттикнување на раѓањето, како финансиски бонуси за семејства. Дел од тие идеи веќе се реализирани во форма на привремени програми за финансиска поддршка за деца. Сепак, експертите предупредуваат дека промената на ставовите кај помладите генерации нема да биде лесна.
Истражувањето покажува и дека жените кои планираат деца сè почесто го одложуваат родителството. Кај жените од 30 до 39 години без деца, околу 19% велат дека планираат прво дете во следните две години, во споредба со околу 9% кај жените во 20-тите години.
Терапевти и истражувачи кои работат со жени што размислуваат дали да станат мајки велат дека финансиските причини се меѓу најчестите фактори.
„Многу жени со високи приходи и амбиции чувствуваат дека мајчинството би ја забавило или ограничило нивната кариера,“ објаснува еден семеен терапевт. „Тие сакаат исти можности како нивните машки колеги и не гледаат дека системот го поддржува тоа на практичен начин.“
Некои од нив одлучуваат да замрзнат јајце-клетки, во надеж дека ќе ја задржат можноста за мајчинство подоцна, иако тоа е скап и емоционално тежок процес (а можно е и дебело да нè мавтаат). Сепак, дел од жените се помируваат со можноста за живот без деца, ако тоа е нивен свесен избор.
Слични трендови забележува и социологот Ејми Блекстон, авторка на книгата Childfree by Choice (Без деца по сопствен избор). Според неа, многу млади луѓе денес не гледаат стабилна финансиска иднина.
„Дипломираат со долгови, немаат реална перспектива да купат дом, и сето тоа влијае врз одлуката дали да имаат семејство,“ вели таа.
Падот на наталитетот не е нов феномен - трае со децении и е присутен во повеќето развиени земји. Но, загриженоста за демографските трендови сега се зголемува и на политичко ниво.
Во последните години, дел од политичките иницијативи во САД се насочени кон стимулирање на раѓањето, меѓу кои и финансиски поддршки за семејства и таканаречени „бонуси за бебе“. Во јавноста се појавуваат и иницијативи како Moms.gov, со цел да понудат ресурси за родителите и подобра поддршка за младите семејства.
Сепак проблемот не е само во политиките - туку и во поширокото чувство на несигурност кај младите генерации.