Најопасната реченица на Балканот

Балканецот има две вечни надежи да најде врска во општина и култура што расте сама, а носи пари како нафтено поле. Секои пет години доаѓа нов пророк. Една година е Пауловнија. После тоа полжави. Па ноеви. Па аронија. Па тартуфи под лешници. Па јапонска гоџи бери. Па некој братучед од Германија што има сигурен откуп.

И секогаш истата приказна:

Брат, ова Германците го бараат МНОГУ.

Ми текиња кога пред години вртеа муабетите дека кило цвекло во Германија било четири евра. Германците очигледно бараат сè. Полжави, тартуфи, ноеви, дрва што растат четири метра на ден, у пичку матер.

Само чудно, никој Швабо не доаѓа да ги одгледува. Секогаш некој Ѓоко од Велес треба да стане аграрeн милионер.

И почнува презентацијата: Ова дрво расте толку брзо што можеш да го гледаш со голо око.... 

Да, а парите исчезнуваат уште побрзо. Па ќе ти покажат табела: вложуваш 3.000 €, за 4 години имаш 180.000 €, за 8 години купуваш јахта, за 10 години те интервјуира Илон Маск за економски совет.

И никој не прашува, добро бе, ако е ова толку профитабилно, зошто човеков уште продава садници наместо да лежи на Малдиви?

Не.

Балканецот гледа ПауерПоинт со зелени бројки и одма, жено, продај ја нивата кај дедо. После следува реалноста: полжавите избегале, ноевите агресивни, пауловнијата смрзнала, тартуф нема, а откупувачот моментално е во Австрија.

И тамам народот ќе се освести, се појавува нова шема. Сега имаш крипто гуруа, forex академии, dropshipping нинџи, АИ курсеви стани финансиски слободен до вторник, и секако Lyconet / Lyoness тип приказни каде што никој не знае што точно се продава, ама сите знаат дека влегол рано.

Тоа е најопасната реченица на Балканот:
- Брат, ова е уште на почеток.

Александар Мат

20 мај 2026 - 20:18