
Телефонските повици својот врв го имаа некаде околу 2009 година, а оттогаш нивната популарност постојано опаѓа. Она што некогаш беше најбрз и најдиректен начин да се контактира некој, денес се натпреварува со измами, маркетинг-повици, евентуално „имате пратка од Тему“ - единствениот добредојден повик во последно време.
За многу млади луѓе, телефонот што ѕвони денес значи само едно: некој има да им го потроши времето.
Според ново истражување на ReverseLookup.com, спроведено меѓу 9.482 припадници на Генерација З на возраст од 18 до 30 години од Велика Британија, САД, Европа и Латинска Америка, дури 69% од испитаниците ги држат телефоните на беззвучен режим поголемиот дел од денот. Уште 74% редовно игнорираат повици од непознати броеви, а 53% велат дека ненадејните телефонски повици им делуваат нападно и наметливо. Просто, денес, да кренеш на непознат број бара ниво на оптимизам што многу луѓе едноставно веќе го немаат.
Промената во дигиталниот бонтон е прилично јасна. Пораката бара нечие внимание кога тој некој ќе има време. Повикот го бара веднаш - инсистира да му се обрне внимание, инсистира да оставиш сè што правиш во моментот и да го истинтраш.
Сè повеќе луѓе се алергични на ова.
Истражувањето покажало и дека 64% од припадниците на Генерација З попрво би сакале да добијат текстуална порака отколку телефонски повик. И тешко е да се замисли оваа генерација во ‘90-тите, кога луѓето трчаа низ дома за да кренат на фиксен пред некој друг.
Зошто ги држат телефоните на сајлент?
Постарите генерации често ова го гледаат како недостаток на култура или почит, но проблемот не е во тоа. Телефонот што денешните млади го наследија е сосема различен од оној што нивните родители го користеа без многу размислување. Непознатите броеви денес најчесто доаѓаат со продажба, обврска од банка, лажни претставувања и чувство на вештачка итност, па генерацијата З едноставно се прилагоди на таа реалност. Дали тоа им се допаѓа на луѓето што се обидуваат да ги добијат е друго прашање.
Особено ова ќе им пречи на работни средини што сè уште функционираат како да е 1998 година. Регрутери, менаџери, ординации, тимови за поддршка на корисници и слични, полека ќе мора да прифатат дека таквиот пристап за многумина денес е целосно неефикасен.
Интересно е што 71% од испитаниците сметаат дека идејата дека луѓето постојано треба да бидат достапни е застарена. И покрај тоа, 58% сè уште чувствуваат притисок од работа, колеги или семејство веднаш да одговорат.
Но тоа не значи дека З престанале да комуницираат. Напротив, тие комуницираат постојано - преку пораки, гласовни забелешки, директни пораки на Инстаграм, приватни четови и линкови на ТикТок што си ги праќаат цел ден.
Само што повеќе не прифаќаат секој да има неограничен и инстант-пристап до нивното внимание.
Што значи, сите сме (или треба да бидеме) по малку ЏенЗи.