Солженицин: Вистинската слобода не е во бројот на опциите

Најпознатиот советски дисидент своевремено (јуни,1978 година) одржа говор пред 20.000 луѓе на Харвард. Со оглед на неговата биографија, гулази и страдања, публиката очекуваше да распали по тиранијата во својата матична земја. Но, Солженицин пред нив си го постави прашањето: Дали би ја препорачал американската слобода за својата татковина? Одговорот му беше: Не.

Повеќето луѓе мислат дека слободата се сведува на избор: колку повеќе избори има човек, толку е послободен. Вистинската слобода значи да можеш да правиш што сакаш и кога сакаш - а сè што го ограничува твојот избор е некаква тиранија.

Александар Солженицин, глобално познатиот дисидент од Советскиот Сојуз, сметал дека оваа идеја е комплетно погрешна. Иако страдал во советските гулази и ја пронашол политичката слобода во Америка, за Солженицин западниот поим за слобода е погрешен и еден ден ќе доведе до пропаст.

На Харвард објасни дека вистинската слобода значи да се знае што и како да се избере и дека таа природно ја прилагодува човечката душа кон доброто, вистинското и убавото. 

Шокирајќи ја публиката, тој оцени дека на Запад, мажите и жените се расцепиле, атомизирале и биле подложени на лажна слобода. По него, ова лажно чувство за слобода го учело човештвото дека не постои „виша сила“ над него и дека човекот е автономен морален универзум.

Тоа е еден вид слобода, предвиде Солженицин, која ќе заврши со пропаст.

Овој концепт на слобода тој го контрастирал со христијанската традиција по која вистинската слобода носи внатрешна слобода и води кон она што е вистинито, добро и убаво. Разбирањето на разликата помеѓу овие две спротивставени идеи за слобода, за Солженицин е една од најважните духовни лекции што можете да ги научите.

Тој забележува дека современиот поим за слободата, речиси целосно е лишен од размислувањата за тоа што е добро или лошо. Кога слободата е само избор - она ​​што е добро или лошо е релативно за секоја индивидуа и е предмет на нејзин избор.

Од друга страна, христијанската традиција учи дека слободата не е за максимизирање на изборот, туку за избор на доброто. За христијаните, но и за античките Римјани и Грци, слободата е помалку за опции, а повеќе за самодисциплина.

Вистинската слобода значи негување на самоконтрола која ослободува од склоноста кон зло и неред, а се негува со практикување доблести.

„Либералните уметности се нарекуваат „либерални“ не затоа што се „левичарски“, туку затоа што ослободуваат. Либерално е сè она што ви дава знаење кое ве ослободува од незнаењето и ропството на вашите страсти, за да можете да го следите вистинското, доброто и убавото“, пишува на The Culturist.

*******

Види и:

Еден ден во кожата на Александар Солженицин

20 мај 2026 - 20:36